Тачи: Расветлувањето на убиството на Ивановиќ ќе предизвика големи главоболки и во Белград и во Приштина

Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска изјави дека,во моментот кога ќе се дознае вистината за убиството на еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, ќе се јави „голема главоболка“ во Белград, но и во Приштина.

– Се надевам дека домашните институции работат максимално за да се дознае вистината за луѓето кои го извршија злосторството и за оние кои го нарачаа. Доколку се расветли случајот, тоа ќе предизвика големи главоболки во Белград, но и во Приштина, изјави Тачи на денешната средба со новинарите во Приштина посветена на финалната фаза од дијалогот со Белград.

Ивановиќ беше убиен во јануари годинава пред неговата канцеларија во северниот дел на Митровица.

Осврнувајќи се на процесот на визната либерализација за граѓаните на Косово, Тачи рече дека решавачки се наредните неколку месеци, кога по препораката од Европската комисија треба да се изјаснат Европскиот Парламент и Советот на министри.

Во врска со формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско наеление, косовскиот претседател рече дека оваа асоцијација ќе се формира „исклучиво во рамките на Уставот на Република Косово, косовската легислатива и според мислењето на Уставниот суд“.

– Ништо што е вон законите на Косово нема да биде опфатено во статусот на Заедницата, порача Тачи.

Косовскиот претседател на денешната прес-конференција ја повика опозицијата да се вклучи во процесот на преговорите со Белград.

– Што се однесува до државната агенда, нема да има поделба власт-опозиција. Имаме краток временски период, во кој треба да покажеме висока одговорност, порача Тачи.