Тачи: Идејата за корекција на границата прв ја изнесе Ибрахим Ругова

Косовскиот претседател Хашим Тачи изјави денеска дека идејата за корекција на границата со Србија, за која тој упорно се залага од минатото лето, прв ја изложил првиот претседател на Косово Ибрахим Ругова, а подоцна и поранешниот претседател на Собранието, академикот Неџат Даци и членот на раководството на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), градоначалникот на Гњилане Љутфи Хазири.

Тачи на денешната конференција на тема „Гласот на народот за големото финале меѓу Косово и Србија“, која се одржа во главниот град на Косово во организација на Институтот за европски прашаења и развој (РИДЕА), рече дека Србија се залага за поделба, додека тој е само за припојување кон Косово на Прешевската долина, област во јужна Србија населена со мнозинско албанско население.

Прашањето чија е идејата за „корекција на границите“ или размена на територии, на косовскиот претседател му го постави Ненад Рашиќ, лидер на партијата на косовските Срби, Демократска прогресивна партија.

– Кој од вас ја изнесе идејата за поделба, односно корекција, односно демаркација на границата. Дали тоа беше ваша идеја, или идеја на (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ, или на некоја трета страна која има име и презиме, праша Рашиќ.

Тачи одговори дека првпат таа идеја дошла од покојниот Ибрахим Ругова.

– Од претседателот Ругова во 1994 година, потоа од професорот Неџат Даци, па од градоначалникот на Гњилане, Љутфи Хазири. А што се однесува до поделбата, се разбира дека Србија има претензии за делење, но ќе ви кажам која е мојата оригинална идеја. Мојата оригинална идеја е обединување на Прешево, Медвеѓе и Бујановац со територијата на Република Косово. Тоа е мојата оригинална идеја, со која се придружив на претседателот Ругова, на Даци и градоначалникот на Гњилане, изјави Тачи.

На идејата на косовскиот претседател се спротивставува сиот албански политички спектар во Косово, а меѓу малубројните подржувачи е Хазири, кој се залага за припојување на Прешевската долина без при тоа да се отстапи територија на Србија.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ вчера изјави дека „разграничувањето со Косово“ е официјалниот предлог на Белград за решавање на споровите со Приштина.