СЈО го побара „Монструм“, судењето одложено

Информацијата дека Специјалното јавно обвинителство го побарало предметот наречен „Монструм“ внесе бура во судницата на скопскиот кривичен суд, каде се одвива повторениот судски процес за петкратното убиство кај Смилковско езеро.

Реакцијата на родителите на убиените момчиња уследи по извесувањето на судот дека утрово било примено писмо со кое ги информираат дека СЈО го побарало предметот за работа и дека за одговор по нивното барање тече рок од осум дена. Веројатно, за можниот „трансфер“ на предметот знаат во двете обвинителства, бидејќи денеска во судницата немаше застапник на обвинението, пишува правосудство.мк.

Продолжението на овој судски процес е закажано на 17 следниот месец. Ова е второ одложување на овој судски процес, откако Врховниот суд на Македонија ги укината двете пресуди со кои шестмина од обвинетите беа осудени на казни доживотен затвор.
Инаку, немилиот настан, во којшто беа убиени четири млади момчиња и еден маж, се случи на 12. април 2012 година.