Судот не му дозволи на Тарчуловски да го следи обраќањето на Столтенберг во Собрание

Судот не му дозволи на Јохан Тарчуловски, кој се наоѓа во домашен притвор, да присуствува на утрешното обраќање на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Собранието на Република Македонија.

Тарчуловски е осомничен за тероризам и уставно загрозување, во врска со настаните од 27-ми април 2017 година во македонскиот Парламент.

– Постапувајќи по барање на обвинетиот Ј.Т., да добие дозвола од судија на претходна постапка да се оддалечи од местото каде ја издржува мерката куќен притвор, како би можел да присуствува на обраќање во Собранието на Р.М., судијата на претходна постапка м-р Ненад Савески, кој постапува по барањето, го извести лицето дека не му се дозволува да се оддалечи, на одредено време, од местото каде ја издржува изречената мерка – Куќен притвор, имајќи ги предвид одредбите од член 163 ст. 2 од ЗКП според кои, поднесеното барање на обвинетиот не претставува исклучок од законската одредба, се вели во соопштението овјавено од Основен суд Скопје 1.

Член 163 став 2 т. 1 и т. 2 од ЗКП гласи: „На лице против кое е определен куќен притвор судот може, по исклучок, да му определи да се оддалечи за определено време од станот или од друг простор ако тоа е потребно за лекување (т.1), или тоа го бараат посебните околности поради кои може да настапат штетни последици по живтот, здравјето или имотот на лицето или на неговите блиски(т.2).“