Српските социјалисти бараат споменик на Милошевиќ во Белград

Социјалистичката партија на Србија (СПС) официјално побара во Белград да биде подигнат споменик на поранешниот претседател на СР Југославија и Србија и нејзин партиски лидер Слободан Милошевиќ.

Иницијативата е доставена до Комисијата за именување улици и плоштади при Градското собрание на Белград, кое допрва треба да биде конституирано по изборите одржани во неделата.

Се очекува за два месеца да биде одговорено на иницијативата за споменикот.

Ако Комисијата даде позитивно мислење за предлогот, конечното решение по него треба да го донесе белградското Градско собрание во кое мнозинство има коалицискиот партнер на СПС, Српската напредна партија (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.