Српска листа нема да гласа за демаркација на границата меѓу Косово и Црна Гора

Приштина – Пратениците на Српска листа го потврдиле ставот дека нема да гласаат за демаркација на косовско-црногорската граница. Косовскиот вицепремиер и министер за враќање и заедниците, Далибор Јевтиќ, кој е од редовите на оваа партија, истакна дека ставот околу ова прашање е јасен.

– Ние кажавме дека Српска листа ова прашање не ја интересира и тоа им го презентиравме на коалициските партнери. Српска листа зазеде став и не го менува, а тоа е дека нема да гласаме за демаркацијата со Црна Гора, изјави Јевтиќ за Радио телевизија Србија.

Тој упати критики поради се уште не e формирана заедница на српски општини. Смета дека формирањето на ЗСО е прашање на политичка храброст и волја и додаде дека за нејзино формирање потребен е мал чекор, кој никој не сака да го направи.

Косовскиот парламент, по три неуспешни обиди, во вторник ќе проба повторни да обезбеди ратификација на договорот за демаркација на границата, што е услов за визна либерализација. За изгласување потребни се 80 гласови или двотретинско мнозинство од вкупно 120 пратеници. Владејачкото мнозинство тврди дека има моментно 79 пратеници.