Соња Караџиќ: Пресудата нема врска со правото

Соња Караџиќ-Јовичевиќ, потпретседателка на Народното собрание на Република Српска и ќерка на Радован Караџиќ изјави дека пресудата за нејзиниот татко е резултат на политички притисок и оти нема никаква врска со правото.

Таа рече дека и 20 и 40 години е доживотен затвор.

– Таквата пресуда очигледно е резултат на политички притисок и нема никаква врска со правото, правдата, фактите и доказите и она што во жалбениот процес го правеше тимот на одбраната, изјави таа за РТРС.

Според неа, успех на тимот на одбраната е тоа што изостанала пресуда за геноцид во седум општини на РС, и изрази надеж дека вистината еден ден ќе излезе на виделина и оти тогаш народите во БиХ ќе можат најпосле да се помират и да живеат нормално.

– До тогаш, мислам дека тоа ќе биде се потешко и потешко, рече Соња Караџиќ-Јовичевиќ.