Сопственикот на „Дурмо Турс“ за ТВ 24: Возачот ја изгубил контролата

Сопственикот на компанијата Дурмо Турс, Дурмиш Белули, чиј автобус во средата излета од патот Скопје- Тетово кај Ласкарци,  во изјава за ТВ 24 Вести кажа дека во автобусот, во критичниот момент имало 50 патници.

Според него можна причина за несреќата е здравствен проблем на возачот кој критичниот ден го управувал автобусот.

Белули вели дека веднаш по несреќата, одговорно лице за возниот парк во компанијата стапило во контакт со возачот, кој како што вели бил свесен и одговорил дека ја изгубил контролата. На повторното прашање, дали ја изгубил контролата врз автобусот, тој одговорил дека самиот ја изгубил контролата.

-Веројатно станува збор за неговата здравствена состојба. Автобусот се движел 200-300 метри и нема трага на кочење, нема реакција на возачот, вели Белули за ТВ24.

Белули истакнува дека возачот тој ден не го пречекорил работното време согласно нормите што ги предвидува Законот. Возачот не пријавил дека боледува од нешто или има некоја здравствена причина поради која не смее да работи ги ги има сите неопходни документи – сертификат, возачка дозвола и лекарско уверение.

-Тие патници биле членови на нашите семејства, со години патувале со нас. Од Гостивар се знаеме со сите. Жалиме длабоко, потресени сме, во шок сме, вели Белули.