Службеник на Светска банка, бегајќи од кучиња скитници во центарот на Скопје, скршил нога

Службеник  на Светска банка бил нападнат  од кучиња-скитници додека трчал на кејот на Вардар  во центарот на Скопје.

При бегањето од кучињата си ја скршил ногата, објавува порталот „Сакам да кажам“ со дополнение дека настанот бил потврден и од канцеларијата на Светска банка во земјава.

Како што пишува порталот, службеник на Светска банка, кој бил во посета на Мисијата во Македонија, бил нападнат од кучиња додека трчал на кејот на Вардар во Скопје, при што паднал и си ја скршил ногата.

Службеникот почнал да вика за помош, но не ја добил, иако во близина забележал униформирани лица, пишува порталот повикувајќи се на изјави на очевидци. На службеникот му помогнале минувачи кои ги избркале кучињата.

Мисијата на Светска банка во Скопје го потврдила настанот.

„Член на тимот на Светска банка, кој е во посета на Македонија, беше нападнат од улични кучиња на кејот на Вардар додека џогирал. Од страв скокнал од ѕидот и си ја повредил ногата. Се чувствува добро, но природата на повредата е таква што му треба време да заздрави“, изјавиле за порталот  од Мисијата на Светска банка во Скопје.