Словенечкиот Парламент во август ќе гласа за избор на премиер

Словенечкиот Парламент планира да гласа за евентуалните кандидати за премиер во периодот од 13 до 17 август, доколку претседателот Борут Пахор или Парламентот предложат кандидати, изјави денеска Матеј Тонин.

Претседателот на словенечкиот Парламент, Тонин истакна дек Пахор и Парламентот имаат време до 10 август да номинираат кандидати, откако Пахор не успеа да пронајде кандидат, кој има поддршка од мнозинството, по изборите одржани на 3 јуни.

Пахор по изборите мандатот му го понуди на Јанез Јанша, чија Словенечка демократска партија (СДС) доби 25 од 90 пратенички места, но тој го одби мандатот, признавајќи дека за избор на премиер и на влада ги нема потребните коалициски партнери. Но, Јанша посочи и оти се надева дека „следните недели“ тоа би можело да се промени.

Втората по големина партија, Листа на Марјан Шарец (ЛМС) одржа коалициски преговори со пет други партии во изминатите недели, но конзервативната Нова Словенија (НСЛ) ги напушти преговорите, со што истите завршија.