Се мажи Габриела Виндзор, братучетка на британската кралица


Англија – Оваа беше голема година за обожавателите на кралските свадби, почнувајќи од свадбата на принцот Хари и Меган Маркл во мај минатата година, па сè до претстојната свадбена церемонија на принцезата Евгенија и Џек Бруксбенк. Но по сè изгледа свадбените ѕвона нема наскоро да се стишаат. Вчера од кралската палата дадоа соопштение во кое се објавува свршувачката на Габриела Виндзор, првата кралска братучетка.

„Принцот и принцезата Мајкл од Кент со огромна радост ви ја соопштуваат свршувачката на нивната ќерка, дамата Габриела Виндзор и Томас Кингстон. Свршувачката се случи во август. Кингстон ѝ предложил брак на островот Сарк по три години врска“, се вели во соопштението.
Иако тој не е член на кралското семејство, името Кингстон може да им звучи познато на оние што внимателно ја следат кралската сцена. Значи, кој е човекот кој треба да се венча со 50. по ред наследник на тронот следната пролет?
Кингстон, кој прво терал дипломатска кариера, се префрлил во финансии работејќи како аналитичар за фирмата „Шродерс“, глобална компанија за управување со средства, а потоа и како директор на „Волтан капитал менаџмент“ до април 2017 година. Tој сега работи во погранични пазарни инвестиции и е директор на „Девонпорт капитал“.


Иако не е познато каде Кингстон и Габриела се запознале (познато е само на оние блиски до неа, како Ела), јасно е дека на Кингстон му е удобно во кралските кругови. Во минатото бил поврзуван со Натали Хикс-Лобек, една од поранешните девојки на принцот Вилијам, а во краток период од 2011 година тој и Пипа Мидлтон, сестрата на Кејт Мидлтон, биле во врска. Нивната романса не траела долго, но пријателството сè уште трае – двојката често може да види заедно во многубројни ситуации низ годините присуствувајќи на трки во Челтенхам заедно во март 2013 година, а и дури беа видени на прошетка заедно во Челзи минатиов февруари.

Кингстон и Габриела, исто така, присуствуваа на венчавката на Пипа со Џејмс Метјус, кој е исто така финансиски аналитичар, минатата година, па затоа е веројатно дека сестрата на војвотката Кејт ќе ја врати услугата за време на свадбата на Кингстон.

Габриела Виндзор се школувала во училиштето „Квинс гејт“ во Лондон и училиштето „Даун Хаус“ во Колд Еш, Беркшир. Таа се преселила во САД за да студира компаративна книжевност и дипломирала на Универзитетот „Браун“ во Роуд Ајленд во 2004 година. Подоцна се здобила магистратура по социјална антропологија од Колеџот „Линакер“ во Оксфорд.

Дамата Габриела е директор на „Брендинг Латин Америка“, платформа за позиционирање брендови која е специјализирана за регионот, со седиште во Најтсбриџ. Таа, меѓу другото, е и писател и пишува за „Лондон магазин“.