Секое осмо дете во Македонија вонбрачно, во ЕУ секое второ


Околу 12 проценти од вкупниот број на живородени деца во Македонија во 2016 година се родени надвор од брачна заедница, покажуваат податоците на Еуростат, додека во Европската унија просекот изнесува 43 проценти.
Во земјите од регионот, според Еуростат, оваа бројка се движи од 58,6 проценти во Бугарија, 41,6 во Косово, 26 во Србија, 19 во Хрватска до 9,4 проценти во Грција.
Просекот на ниво на ЕУ, е за околу 15 проценти над вредноста во 2000 година, од кога постепено бележи раст од околу еден процентен поен годишно. Тоа сигнализира промена на семејните вредности, односно раст на бројот на вонбрачни врски и двојки, како и самостојни родители.
Во осум земји членки на ЕУ во 2016 година, според Еуростат, има повеќе живородени деца надвор од брачна заедница. Во Франција како такви регистрирани се 60 проценти, Бугарија и Словенија 59, Естонија 56, Шведска 55, Данска 54, Португалија 53 и Холандија 50 проценти. За споредба, над 80 проценти од живородените деца во Грција, Хрватска и Кипар се регистрирани во брачна заедница.
Меѓу 2015 и 2016 година бројот на родени деца надвор од брак бележи раст во речиси секоја ЕУ земја членка, со исклучок на Естонија, Италија, Литванија, Летонија, Унгарија и Велика Британија. Во Швајцарција и Лихтенштајн процентот на живородени деца надвор од брак во 2016 година е под 25 проценти, споредено со Норвешка со 56 отсто и Исланд со 70 проценти.