Светот во 2017 година – Од Трамп преку Брегзит до „посетителот“. И – Деспасито!

Завршува уште еден циклус од патот на Земјата околу Сонцето и во годината што изминува, не се сменија страните во светот.

Трамп покажа особен интерес и успех во твитањето откако на 20 јануари седна во Белата куќа, привлече внимание без оглед што Тајм не го прогласи за Личност на годината. Во Европа беше бурно – Лондон тргна да си оди, Брисел не го спречува. Само бара фер договор за еднократната алиментација од разводот. Франција доби нов лидер, најмлад од Наполеон. Австрија уште помлад. Меркел загуби мнозинство во парламентот, но економски – живее побрзо од времето. Ердоган доби речиси „султански“ овластувања. Хрватска и Словенија продолжија да се расправаат за границата, Варшава и Брисел за судството во Полска. Сончевиот систем го посети првиот посетител „од некој друг свет“.

Откако се заколна, се виде дека 45-от американски претседател сака веднаш да исполни некои од ветувањата од предизборната кампања – ги повлече САД од Парискиот климатски договор и Транспацифичкото партнерство и вон сила го стави законот за здравствено осигурување Обамакер. Ги повлече САД од двата договора на големо незадоволство на меѓуанродната заедница, но не успеа да го совлада Обамакер. Го сопнаа во сопствената партија, а од демократите ионака не можеше да смета на помош.

Во ветениот ѕид кон Мексико засега нема цигла, а Трамп цела година го следи „руската афера“ за вмешаност на Русија во изборите со цел да се донесе на власт. На крајот од годината го призна Ерусалим за главен град на Израел и предизвика горештини во главата на речиси целата меѓународна заедница. Галуп пресмета дека тој е најнепопуларен американски претсеател во првата година од мандатот во историјата.
Крајот на годината му успеа еден тачдаун – Конгресот прифати најголема реформа на американскиот даночен систем во изминатите 30 години. Со неуморно твитање ја импресионираше јавноста како и со „алтернативни факти“.Неговите зборови како „Covfefe“ не означуваа берење ѕвезди, но никој не успеа објасни.

Откако лани на референдум изгласа напуштање на ЕУ, Велика Британија го активираше Членот 50 од Повелбата на ЕУ со кој на државата членка и се овозможува повлекување од ЕУ. Лондон одреди датум за „развод“ – 29 март 2019 година. Лондон и Брисел имаа „Боксинг деј“ што траеше со месеци за три клучни елементи. Договорот кој ЕК го нарече „џентлменски“ беше постигнат во последните минути од второто полувреме. Потоа, од ЕУ дадоа зелено светло за втора фаза од преговорите за Брегзит која води во помалку тешка неизвеснот и помалку морници по телото на преговарачите.

Европската политика оваа година ја одбележаа каталонските настани. Настојувањата на каталонската Влада да се избори за независност предизвикаа политичка криза во Шпанија, најголема откако во државата се врати демократијата. Најбогатата шпанска покраина на 1 октомври одржа референдум за независност, спротивен на шпанскиот Устав, на кој гласаа само 40 отсто граѓани и од нив 90 отсто гласаа „за“. Каталонскиот парламент потоа изгласа независност. Мадрид изгласа апсење на каталонски челници, распуштање на каталонската влада и распишување предвремени избори. На изборите победија партии кои бараат независност. Карлес Пуџдемон во меѓувреме е сменет и успеа да ги избегне шпанските власти и да се тргне во Брисел. Таму е се уште.

Во Франција и Германија оваа година се одржаа избори

Поранешниот банкар и политички аутсајдер Емануел Макрон успеа да ја искористи рекордно ниска популарност на социјалситите, аферите на републиканците и заситеноста на избирачите од политичкиот естаблишмент. Со тие асови во раце – успеа да победи на изборите за претседател на Франција во мај. Тој е најмлад лидер во Франција во изминатите 200 години.Тврди дека не занесува ниту лево ниту десно. Единствено премеирот Едуард Филип му се занесе – плати 350 илјади евра за приватен авион за да се врати од Јапонија до дома.

Во Австрија десницата влезе во владата на 31-годишниот Себастијан Курц.

Во Германија изборите не се завршени. Всушност, завршени се ама нема договор за влада. Се бираше претседател на државата и во септември избори за Бундестагот. Германката Ангела Меркел веќе цела деценија е најмоќна жена во светот, релативна победничка на изборите, но со најлош резултат на ЦДУ од 1949 година. На патот за избор на влада беше присилена да преговара со либералите и зелените, но коалиција не заживеа. Лидерот на либералите Кристијан Линднер изјави дека со конзервативците не се договориле за прашањето за мигрантите и заштитата на животната средина и потенцираше: – Подобро е да не се владее отколку да се владее погрешно. Сега има многу отворени опции: Или враќање на СДП во игра или вонредни избори, но државата функционира. Ангела Меркел е погодена, но никој засега не зборува за нејзин крај.

Откако во 2016 година имаа неуспешен државен удар, Турција остана без илјадници луѓе квалификуван кадар во сите сегменти од општеството. Тие се затворени или избркани од работа поради соменија на властите за врски со Фетулах Ѓулен. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган успеа оваа година да ги прошири своите овластувања на референдум. Ердоган во април доби поддршка за измените на Уставот со што му се овозможува да се кандидра уште двапати за претседтаел. Мнозинството што го доби беше од 51,4 отсто гласачи, но тоа за него беше – триумф. Со тоа, Турција премина од парламентарна демократија кон претседателски систем, а Ердоган со тоа може да остане на власт уште десет години. Сега има 63 години.

Во Кина во октомври одржаа 19 конгрес на Комунистичкат апартија на кој Кси Џинпинг допонително ја зацврсти власта. Економист претходно го нарече „навистина најмоќен човек во светот“. На конгресот доби најголема можна почест – повелба од партијата, признание што го добил само Мао Цетунг. Дојде на власт во 2012 година. Со воведување на неговото име и „мисли“ во статутот на партијата сугерира долго патување како лидер на државата. И ноќе и дење.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун оваа година успеа да лансира прв интерконтинентален балистички проектил (ICBM) способен да ги погоди САД. Потоа тестираше најсилна бомба во историјата – хидрогенска со моќност од 120 килотони, трипати посилна од нуклеарните бомби фрлени врз Нагасаки и Хирошима. Потоа рече дека најновите санкции на ОН се „акт на војна“. Потоа, Трамп му упати квалификација – Малиот ракетен човек (Little Rocketman) и му се закани од говорница на ОН дека „целосно ќе го уништи“ ако продолжи со тие програми. Во Северна Кореја не се знае дека постои Божик. Нема чуда.

Тероризмот не го остави на раат светот и во оваа година.

Од терористичкиот напад во Истанбул за Нова година во кој загинаа 39 луѓе до нападот врз џамија во Египет во ноември загинаа повеќе од 300 луѓе. За тие напади најодговорно признаа дека се виновни – ИД.

ИД извршија десетина крвави напади во Пакистан, Ирак, Сирија, Авганистан, Египет, Сомалија и Британија. Напади во кои пешаци беа газени од автомобили имаше во Ерусалим, Лондон, Стокхолм и Барселона.

Британец со либиско потекло изврши бомбашки напад за време на концерт на Аријана Гранде во мај во Манчестер каде загинаа 23 луѓе и 500 беа повредени. Најмладата жртва имаше осум години.

Возач на камион од Мароко во август покоси луѓе на улица во Барселона. Уби 13 и 130 повреди.

Во Лондон во два одвоени напада со автомобили (март и јули) беа убиени 12 луѓе. Во последниот ден од октомври маж од Узбекистан удира со камион во пешаци во Њујорк. Убива осуммина од кои шетмина Аргентинци кои прославувале годишнина од матура.

Во САД и оваа година имаше неколку убиства од вооружени државјани.

На музички фестивал во Лас Вегас во почетокот на октомвру Стивен Педок убива 58 луѓе и околу 500 успева да ги повреди во најкрвавиот напад во САД со огнено оружје во историјата. Само неколку дена подоцна, во црква Девин Петрик Кели отвора оган и убива 26 луѓе.

Муслиманската етничка заедница во Мјамнар – Рохинџи во вториот дел од годината е изложена на прогон. Тоа е многу сиромашна и маргинализирана заедница која нема право ниту на државјанство ниту право на глас. Хунтата во Мјанмар во 1982 година им го одзела мјанмарското државјанство. Не им дале ништо за возврат. Изложени се на дискриминација, немаат лични исправи и не можат да патуваат ниту да се венчаат без одобрување. Немаат пристап до пазарот на трудот ниту јавни служби како школи и болници. Во Бангладеш побегнаа повеќе од 650.000 Рохинџи од крајот на август пред прогонот на мјанмарската армија потиикната од напади на муслимански милитанти врз сили за безбедност.

– Рохинџите се енциклопедиски пример на жртви на етничко чистење, вели Зеид Раад ал-Хусеин висок претставник на ОН. Злосторствата не ги осуди мјанмарската дисидентка Аунг Сан Су Кји. Се посилни се повиците да и се одземе наградата.

Њујорк тајмс во октомври објави за тоа дека десетици жени од филмската индустрија го обвинуваат продуцентот Харви Вајнстин за сексуално злоставување. Меѓу нив и Ешли Џад, Гвинет Палтроу, Мира Сорвино, Анџелина Џоли, Селма Хаек. Вајнстајн добива отказ и е исфрлен од американската филсмска академија. Излегува на виделина и холивудската хипокризија бидејќи многумина знаеле што прави Вајнстин, но молчеле. Вајнстајн сега се лекува. Од зависност кон секс.

Неколку недели подоцна актерот Ентони Рап објавува дека како дете сексуално го злоставувал Кевин Спејси. Тој призна, но му го препиша однесувањето на алкохолот и се извини. Рече и дека е хомосексуалец. Џабе. Не успеа да се извлече бидејќи продолжија докази дека се работи за уште еден холивудски сексуален разбојник. Нетликс го исфрла од серијата Куќа од карти. Портпарол на актерот објавува дека Кевин Спејси оди на недефинирано лекување.

Аферата се прошири и во Европа. Истраги почнаа во Европскиот парламент и во Велика Британија.

Поради тоа Тајм за личност на годината бира жени кои проговориле за сексуалното насилство. Милиони на социјални мрежи почнуваат да се сбираат околу хаштагот MeeToo и да откријат свои приказни за слични искуства на работни места и на други места.

– Се работи за најбрза социјална промена во изминатите неколку децении, објавува Тајм.

Урагани,поплави, пожари…природни катастрофи и оваа година зедоа голем смртоносен данок.
Најмногу во ноември во Иран – во земјотрес од 7,3 по Рихтер загинаа 630 луѓе и повеќе од 8.000 повредени. Во Мексико во земјотрес со интензитет од 7,1 во септември загинаа 200 луѓе.

Хиперактивна беше и сезоната на атлански урагани – една од најразорните во историјата. Најмногу морници предизвикаа Харви и Ирма. Харви направи штети од 200 милијарди долари и однесе 90 животи. Ирма – две недели подоцна ги збриша кариспките острови Свети Вартоломеј и Свети Мартин и предизвика голема штета на британските Девствени Острови. Загинаа 134 луѓе.

Во Португалија во пожари оваа година загинаа 64 луѓе (август). Најужасно беше на локалниот пат во Педрогао Гранде каде 47 луѓе изгореа во своите автомобили бегајќи од пламените јазици. Во октомври во втор пожар во Португалија загинаа 45 луѓе и уште четворица во соседната шпанска покраина Галисија.
Тажно рекордни беа и пожарите во Калифонија. Регистрирани беа 8.900 пожари на површина од 5.600 квадратни километри. Вкупно настрадаа 46 луѓе, а штетата е десетици милјарди долари.

Во пожар во лондонскиот небодер Гренфел во јуни загинаа 70 луѓе, а на градските власти им требаа 60 часа да го изгаснат. Во јануари во Италија во лавина загинаа 29 луѓе. Затрупан беше хотел во италијанскиот масов Гран Сасо. Тоа беше најсмртоносна лавина во Италија во изминатите 100 години.

Почина Хелмут Кол, германски канцелар, на возраст од 87 години.
Почина и Дејвид Боуви, Принс, Леонард Коен и Џорџ Мајкл.
Починаа и двигателите на рок-ен-ролот Чак Бери и Фатс Доминго, но во длабока старост.
Почина актерот Џери Луис на возраст од 90 години. Заедно со Дин Мартин предизвикуваа хистерија како Синатра или Битлси. Човекот кој по сопствено признание направил кариера глупирајќи се, беше познат и како голем хуманитарец кој за болните од мускулна дистрофија во 60 години собра повеќе од 2,4 милијари долари.
Роџер Мур почина во мај, но неговиот Џемс Бонд е уште жив. Успеа да му вдахне нова нота на софистицираност и сарказам. Играше во седум филмови за тајниот агент.
Оваа година бродот на Земјата го напуштија Сем Шапард (73), писател, актер и сценарист и режисер. Добитник беше на Пулицерова награда….Кинескиот нобеловец Лиу Џиабао и озогласениот убиец чарлс Мансон. Тој замина без жалење.

Астрономи во ноември објавија дека во Сончевиот систем за првпат виделе „меѓуѕвезден посетител“. Јасно се разликувал од астероидите кои кружат околу Сонцето. Црвенкастиот издолжен метеорит патувал милиони години од друг планетарен систем пред да го откријат од хавајскиот Универзитет во Хонолулу. Го нарекоа Оумуамуа (гласник, на хавајски).

– Сега првпат имаме доказ дека постојат меѓуѕвездени објекти…Ова историско откритие ни отвора нов прозор во проучувањето на планетарните системи вон Сончевиот, велат од НАСА.

Научниците сега детално го анализираат, но изгледа дека таинственито посетител сепак не е гласник бидејќи е утврдено само дека не емитува никакви сигнали.
Списанието Сајенс за научен случај го прогласија сударот меѓу две неутронски ѕвезди што се случил на 130 милиони светлосни години подалеку од Земјата. Доказите за сударот оваа година како гравитациски бранови стигнаа до Земјата. Откритието потврдува дека сударите на неутронски ѕвезди се одговорни за формирање тешки елементи богати со неутрони како платина, злато и ураниум. Потврдена е и Ајнштајновата теза дека гравитациските бранови патуваат со брзина на светлоста.

Ракометниот клуб Вардар ја победи Европа, а Италија не се пласира на Светското првенство во фудбал. За првпат – не ја заслужија зависта.Песната „Деспасито“ на ЈуТјуб ја виделе 4,5 милијарди жители. Планетава има 7,6 милијарди. До 2011 година ОН предвидува население од 11,8 милијарди.