Руско МНР: Рама ја турка Тиранската платформа

Изјавата на премиерот на Албанија Еди Рама во врска со Законот за употреба на јазиците донесен во македонскиот Парламент е потврда на намерата да ја турка „Тиранската платформа“ со која се поткопуваат темелите на македонската државност, се наведува во коментарот на одделот за информација и печат на МНР на Русија.

Официјална Москва посочува на изјавата на Рама дадена на 14 јануари дека Социјалистичката партија на Албанија, на чие што чело е тој, имала врска со формирањето на „Ослободителната армија на Косово“ и со „битката за Косово“ во соседната Србија, и дека дала решавачки придонес за донесувањето на законот за употреба на јазиците во Собранието на Република Македонија, со којшто албанскиот јазик де-факто добива статус на втор службен јазик.

– Ваквата реторика на Еди Рама ја потврдува намерата и понатаму да ја турка „тиранска платформа“ создадена со неговото лично учество. Реализацијата на одредбите на овој документ се заканува со поткопување на уставните темели на македонската државност, на Охридскиот рамковен договор и како последица – со нови меѓуетнички потреси на Балканот, стои во соопштението.

Според Москва, сето тоа е дел од големоалбанските амбиции кои се повеќе се шират и го доведуваат во прашање територијалниот интегритет на низа држави во регионот.

– Давајќи му големо значење на прашањето за употреба на јазиците сметаме дека од принципиелна важност е таквите решенија да се донесуваат врз основа на согласност од сите гранки на државната власт и со широк консензус во општеството, се наведува во соопштението од прес-канцеларијата на руското МНР.