Руска мафија убила српски градежни работници, па ги забетонирала во темелите на хотел

Истражните органи на Краснодарската област ја сопреле истрагата за исчезнувањето на група српски работници по сознанието дека телата на работниците се наоѓаат забетонирани во темелите на ексклузивен хотел, пишува српскиот портал „Бука“.

Српските работници се водат за исчезнати во 2013 година во црноморскиот град Анапа, а нивната судбина сѐ уште е мистерија. Се верува дека српските работници кои ја граделе зградата на локалниот суд по налог на руски тајкун, и тоа наводно бесплатно, биле убиени, а потоа забетонирани во темелите на луксузната зграда во летувалиштето северно од Сочи на брегот на Црното Море.

Последните информации за работниците од 2013 година се однесуваат на нивен бунт против членови на руската мафија. Наводно, рускиот тајкун и поранешен вработен во собранието на Краснодарскиот регион, Сергеј Зиринов, им наредил на Србите додека го градат неговиот комплекс хотели бесплатно да ја изградат и зградата на регионалниот суд. Откако се побуниле, исчезнале.

Потоа, во март 2013 година, Зиринов беше уапсен за обид за убиство. Подоцна обвинението беше променето и Зиринов беше обвинет за разбојништво и убиство на неколку лица. Осуден е на 22 години затвор.