Ревидираниот проект за автопатот Скопје-Блаце: Фабрики и гробишта ја менуваат трасата

Изместување на трасата заради индустриска зона и гробишта, како и додавање две нови клучки, кај Стенковец и кај Блаце, треба да се вметнат во ревидираниот проект за автопатот Скопје-Блаце. Проектната документација од 2002 година е некомплетна и не е во согласност со актуелните стандарди во градежништвото, утврдила ревизијата на консултантот МОП „Мекдоналдс ЛТД“.

Македонија лани доби 1,3 милиони евра од ИПА инструментот, „Инвестициската рамка за Западен Балкан“, за репроектирање на оваа делница, која е клучна за интензивирање на економските врски со Косово. Консултантите утврдиле дека на трасата се потребни дополнителни топографски и геотехнички истражувања, со оглед на тоа дека во изминатите 16 години се промениле демографските и сообраќајните услови на теренот. Од новиот проект, кој би требало да биде готов до крајот на годинава или на почетокот на следната, ќе зависи и финансиската конструкција, како и проценката за времетраењето на градежните работи.

Од Министерството за транспорт и врски информираат дека репроектирањето на делницата е веќе започнато. Покрај двете клучки, кои воопшто не биле предвидени во стариот проект, ќе се направи и измена на трасата бидејќи во изминатиот период тука се изградила индустриска зона, а има и гробишта.

„Практично се работи за целосно нов проект кој, покрај тоа што ќе треба да предвиди нови објекти, ќе треба да се изработи и според стандардите на модерното градежништво. На пример, проектот за тунелите од 2002 година не ги исполнува сегашните прописи за вентилација, пожар и евакуација, а мостовите не се проектирани според актуелните стандарди. Ова беше утврдено во 2015 година кога се направи ревизија“, велат од Министерството за транспорт и врски.

Проектот за автопатско поврзување со Косово се актуелизираше во последните години, откако претходно, повеќе од една деценија беше ставен во мирување. Во меѓувреме, Косово активно работеше на својот дел од автопатот од граничниот премин кон Приштина, во должина од 55  километри. Со изградбата на автопатот патувањето од Скопје до Приштина ќе се намали од над два часа, на помалку од еден час.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, неодамна го потенцираше значењето на овој проект во насока на регионално поврзување на Македонија, што претставува еден од носечките столбови на евроинтегративниот процес на земјите од Западниот Балкан. Османи додаде дека во рамките на приоритетите на Владата за автопатско поврзување со соседните главни градови, изградбата на патниот правец Скопје – Блаце е еден од најзначајните проекти, и поради фактот што Косово е еден од најзначајните економски и трговски партнери на Македонија. Минатата година на граничниот премин Блаце поминале 2,7 милиони возила во двата правци, при што Македонија во Косово извезла стока во вкупна вредност од 190 милиони евра, а увезла стока од 40 милиони евра.

Тоа зборува за значителен суфицит во наша полза. Ако на овие бројки ги додадеме 30-те милиони евра проценети трошоци на косовските државјани на годишно ниво во Македонија за здравствени услуги, тоа исто така зборува за влијанието на овој автопат за економијата на Македонија, истакна Османи. Тој укажа  дека извозот од Македонија во Косово, кој во 2011 година изнесувал 420 милиони евра, сега е двојно намален поради изградбата на автопатот Приштина – Тирана.

Поради стратешката важност на проектот и неговата комплексност, Владата формираше министерска работна група во која, покрај Османи како претседавач, членуваат и вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, министерот за економија Крешник Бектеши, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов и директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Гајур Кадриу. Покрај министерската, формирана е и техничка работна група, во која членуваат технички лица и експерти од соодветните ресори задолжени за реализација на проектот Скопје – Блаце.

Сања Наумовска