Рама ја обвини опозицијата дека стои зад написот на „Вашингтон тајмс”

По написот објавен во престижниот американски весник „Вашингтон тајмс” околу Законот за проверка на потеклото на имотот на судиите и обвинителите и нивната поврзаност со криминалот,наречен ветинг, реагираше премиерот Еди Рама.

Во написот стои дека реформските процеси во правосудството во Албанија се спонзорирани од фондацијата на Сорос и оти истите ја оставиле Албанија без судски систем, што „е во полза на премиерот Еди Рама“.

Преку Твитер реагираше премиерот Рама, кој обвини дека написот е подготвен по нарачка на албанската опозиција, која за истиот добро платила.

– Плаќајте, плаќајте написи низ светот против реформите во судството! Пцујте ја и проколнувајте ја реформата во правосудството на колку јазици што можете! Обвинувајте не колку што сакате за неморалност од вашата јавна куќа! Ние ќе го исчистиме до корен правосудството бидејќи не се плашиме од вистинската правда, напиша Рама.

Експресно исто така на Твитер,му реплицираше лидерот на најголемата опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша,кој обвини дека со пари од дрогата Рама ги „купил правосудството и амбасадорите“

– Ги купи судиите, обвинителите, весниците, телевизиите и амбасадорите, со пари од дрога и корупција и сега не му излегуваат пресметките на Рама. Правдата ја фати, но народот не можеш да го фатиш. Набрзо ќе поднесеш сметка за тоа, напиша Баша.

Весникот го критикува и американскиот амбасадор во заминување, Доналд Лу, за кого наведува дека иако мандатот му завршил и во амбасадата е назначен времен вршител на должноста тој се уште е во Тирана. За него пишува дека е подржувач на „корумпираната влада на Рама“.