Рама: Законот за албанскиот јазик во Македонија е заслуга на нашата влада

Албанскиот премиер , Еди Рама, пред младите евросоцијалисти се пофали дека благодарение на неговата влада бил донесен законот за албанскиот јазик во Македонија.

Тој посочи дека усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија е голем настан, кој што пред неколку години не можел ни да се замисли.

За време на конференцијата на Форумот на младите еворсоциалисти на Албанија (FRESSH),посветена на 26 годишнината од формирањето, тој изјави дека за изгласувањето на овој закон заслужна е неговата Влада, која имала сериозен пристап кон односите со Македонија.

– Пред неколку дена, во македонското Собрание помина законот кој не можеше ни да се замисли пред некое време. Јас ви велам дека сите вие треба да бидете горди, треба да бидат горди сите тие што гласаа, ја поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа денеска немаше да постои официјален албански јазик во Македонија – изјави Рама.

Рама на 11 јануари, прв, експресно го поздрави усвојувањето на Законот.

– Усвојувањето на законот за албанскиот јазик од страна на Парламентот во Скопје претставува исторско постигнување за Албанците, што ја демократизира и зајакнува самата Македонија, напиша на својот профил на фејсбук Рама, кусо по усвојувањето на Законот.

На конференцјата на Форумот на младите на неговата партија, Рама искажа надеж дека Албанија нема да биде сама во европското семејството, туку заедно со другите земји од Балканот „каде што најмногу живеат Албанци“.

Тој се задржа на најавениот масовен сенароден антивладин протест на опозицијата, закажан за 27 јануари, оценувајќи дека „ваквите барикади се со цел да и наштетат на Албанија, која е се поблизу до Европа“.