Пуштен од затвор внукот на Енвер Хоџа, осуден за шверц со кокаин

Ослободен е од понатамошно издржување на затворската казна Ермал Хоџа, внук на поранешниот претседател на Албанија,Енвер Хоџа,кој поради шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа беше осуден на 10-годишна затворска казна.

Хоџа и осуммина негови соучесници, меѓу кои и двајца државјани на Колумбија, беа уапсени во јануари 2015 година,во рамки на акцијата „Џибрака“ во Елбасан, под обвинение дека формирале криминална група за производство и шверц на кокаин за западноевропски земји. Полицијата кај нив заплени 120 килограми дрога, пари и оружје.

Тој и неговите соучесниците, во јуни 2017 година  добија затворски казни во времетраење од 10 до 13 години. Бидејќи се согласија на скратен судски процес казните им беа намалени за една третина.

Одлуката за ослободување од понатамошното издржување на заторската казна ја донесе судот во Фиер, бидејќи казната ја издржуваше во затворот во овој град.

Четириесет и три годишниот Хоџа е ослободен условно,врз основа на член 59 од кривичниот законик на Албанија со кој се предвидува условно ослободување по одлежаните три четвртини од затворската казна,како и врз основа на однесувањето на осуденикот.Исто така земен е предвик и фактот што е семеен човек и татко на малолетно дете.

Веста за неговото ослободување на Инстаграм ја постираше и сопругата Резарта Шкурта,позната албанска пејачка и фотомодел.

Ермал Хоџа е најстариот внук на Енвер Хоџа, кој беше претседател на Албанија од 1944 до 1985 година.