Протести на младите во САД: 17 минути за 17 убиени на Флорида

Десетици илјади ученици, студенти и просветни работници во САД денеска излегоа од училиштата во знак на протест, поради, како што велат, неуспехот на Конгресот да се справи со насилството со оружје во училиштата.

Протестот е осмислен на тој начин што тие ќе ги напуштат училниците на 17 минути, по една минута за секој убиен при масакрот во Флорида минатиот месец.

За денеска се планирани 3.000 протести, а првите почнаа во 10 часот по локално време. Учениците би можеле да се соочат со дисциплинска мерка за нивното отсуство од училиште, но, многу образовни институции сигнализираа дека нема да преземат какви било мерки против нив. Дел од учениците планираат улични протести, а некое револтот ќе го искажат во спортските сали и терени.

Голем протест е планиран за 24 март насловен „Марш за нашите животи“ во Вашингтон, а на него се очекува да присуствуваат стотици илјади ученици.

Уште еден марш е планиран за 20 април, кога се одбележува 19-годишнината од убиството во средно училиште во Колорадо.