Пролетниот снег и поплавите предизвикаа проблеми на Балканот

Обилните снежни врнежи и поплавите денеска предизвикаа многу проблеми во голем дел од Балканот, каде повеќе патишта се затворени, поплавени се куќи, а во прекин е и пловидбата долж брегот на Јадранското море.

Освен во Македонија, снег денеска паѓаше и во Србија, Хрватска и Албанија, што беше изненадување за регионот во рана пролет, додека топењето на снегот во Босна и Херцеговина предизвика поплави.

Новиот снег што падна во Хрватска предизвика уште поголеми проблеми во земјата која се бори да се справи со надојдените реки кои веќе се излеаја по топењето на снегот.

Хрватските власти наведуваат дека само на мали возила им е дозволено движење по главните патишта кон приморјето, додека камионите и автобусите не можат да сообраќаат. Надлежните апелираат до граѓаните да не тргнуваат на пат.

Поради снегот и дождот во Албанија се отсечени делови од северниот и северозападниот дел на земјата каде се поплавени 5.000 хектари земја, а вода влегла во 680 куќи и училишта.

Локалните власти ги евакуирале граѓаните од загрозените области, а околу 200 припадници на воената итна служба на граѓаните во руралните области им доставуваат пакети со храна и вода за пиење. Многу села се без струја и до некои може да се стигне само со чамци.

Во Романија поради обилните снежни врнежи и силниот ветар затворени се училиштата во Букурешт и десет окрузи.

Поради снегот затворени се и шест главни сообраќајници, а сообраќајот на другите патишта е ограничен. Повеќе од 50 возови не сообраќаат по распоред.