Проговори менаџерката на Тоше: Јас сум давеник во море


Лилјана Петровиќ, поранешната менаџерка на Тоше Проевски, ги демантира шпекулациите дека повторно почнала да работи како менаџер на млад пејач. Таа во интервју  за босанскиот магазин „Азра“ проговори по 10 години молк и целосна повлеченост од медиумите.

-Пред 10 години реков дека никогаш повеќе нема да се занимавам со менаџерска работа. Го изјавив тоа што искрено го чувствував и тие чувства не се променија и денес. Тоше и јас заедно ги завршивме своите кариери. За жал, прерано. Несфатлива ми е потребата на поединци да ме претставуваат таква каква што не сум, бесрамно да го користат моето име, да шират лаги и невистини. Уморна сум од читање лажни интервјуа, лажни профили на социјалните мрежи. Сакам да им кажам на сите луѓе, на сите фанови на Тоше, дека јас профил на Фејсбук немам. Оној кој постои во мое име е лажен – вели Лилјана.

Таа открива и како изгледа нејзиниот живот по смртта на Тоше.

-Последните 10 години се обидувам да научам достоинствено да се носам со тагата, да бидам подобар човек отколку што сум. Многу работам и се трудам моите дела да зборуваат за мене – вели Лилјана во интервјуто.

 

Со прераната смрт на Тоше никој не може да се помири. Медиумскиот линч беше голем и се бараше виновник за неговото прерано заминување. Петровиќ открива како го преживувала тој период.

-Работејќи со Тоше сите тие години, научив да се носам со лоши луѓе, со невистини кои ни тогаш не не штедеа, па не ме изненадува ни што се случуваше по неговото заминување. Разбирам дека тоа е огромна загуба, голема болка, ама не разбирам притоа да не ја почитуваат и туѓата болка. Се чувствував како давеник во море кој сите го туркаат надолу само за тие да дојдат до здив, за ним да им биде полесно. Тагата и болката што јас ги доживеав можат да се споредат само со тагата на неговото семејство, бидејќи само нивната болка е поголема од мојата – открива Лилјана.

Таа вели дека нема потреба да оди во Крушево.

„Јас Тоше го носам во срцето. Тие сеќавања и чувства се само мои и немам потреба да ги делам, како што немам потреба ни да бидам видена во Крушево, ни каде било на друго место што би дало повод за пишување шпекулации“.

Лилјана има плантажа со лаванди. Тоа е работата на која се посвети по смртта на Тоше.