Пред годишнината од смената на власта: Заев слета на домашен терен


Мошне набиена и разновидна е агендата на премиерот Зоран Заев во последните неколку дена. За разлика од претходните месеци – кога почесто беше во авион отколку дома, сега речиси секојдневно може да се видат негови фотографии од различни општини во државата. Неретко во неформална облека, наместо во костум, премиерот во последниве денови повеќе се дружи со бизнисмени и жители на градовите што ги посетува во споредба со деновите кога беше зафатен со средби со дипломати и странски политичари.

Вчера Заев беше во околината на Градско, каде што со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески присуствуваше на почетокот на работите на новиот експресен пат кон Прилеп, делница Градско – Дреново. Во текот на викендот, пак, беше на североистокот на државата, така што во саботата, заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар, присуствуваше на отворање ЕУ-парк во Штип, по повод Денот на Европа. Заев имаше и напорен завршеток на претходната работна седмица, кога во четвртокот беше на релација Тетово – Охрид – Битола. Во Тетово и во Охрид, тој присуствуваше на отворањето на нови хотели, додека во Битола беше во обиколка на компанијата „Кромберг и Шуберт“ во индустриската зона „Жабени“, каде што беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев. Во Тетово, Заев учествуваше и на трибина насловена „Заедно – едно општество за сите“, а има најави дека трибини на слични теми ќе има и во други општини низ земјава.

Единствено порелаксирана му беше неделата, што, според информациите и фотографиите пласирани на социјалните мрежи, ја искористил за приватна посета на Крива Паланка. Таму Заев му бил гостин на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој објави фотографии на својот фејсбук-профил од кои може да се заклучи дека премиерот пристигнал во Крива Паланка на мотор, што е негово дамнешно хоби.
Сепак, во текот на денешниот ден, се очекува Заев да остане во Скопје, со оглед на тоа што треба да претседава со редовната владина седница, пред да отпатува во Софија, каде што треба да се сретне со грчкиот колега Алексис Ципрас. Токму поради тоа што фокусот на Владата, во изминатите месеци беше свртен кон надворешната политика, особено кон преговорите за спорот со името, „турнејата“ на Заев низ македонските општини се доживува во јавноста како нагла промена на тактиката на премиерот во однос на неговото претставување во јавноста.
Од Владата велат дека нема ништо невообичаено во активностите на Заев и дека станува збор за редовна агенда. Премиерот, велат од Владата, практикува два-три дена во неделата да биде на терен.

Комуникологот и аналитичар Петар Арсовски вели дека е забележливо дека Заев во последните денови е многу повеќе ангажиран на домашен терен во споредба со изминатиот период. На тој начин, како што оценува Арсовски, премиерот се обидува да го одржи рејтингот, со оглед на тоа што доаѓа политички проблематичен период.

„Активностите на Заев се своевидни технички подготовки за одржување на рејтингот пред периодот што следува, со оглед на тоа што се очекува некаков исход од преговорите за проблемот со името, а истовремено сѐ погласни се критиките и од негови поддржувачи. Целта е да се превенира можно поголемо незадоволство и да се амортизира евентуална криза околу името“, вели Арсовски.

Обиколката на Заев на македонските општини доаѓа во период кога се засилуваат преговорите со Грција, а домашната јавност е во очекување каков ќе биде исходот на тој процес пред јунскиот состанок на Европскиот совет и пред јулскиот Самит на НАТО во Брисел – форуми, каде што Македонија се надева да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ и покана за членство во Алијансата. Паралелно, јавноста сѐ покритички ги опсервира политиките на Владата на СДСМ и ДУИ, која за петнаесетина дена ќе заокружи една година од влегувањето на „Илинденска“. Довчерашни силни поддржувачи на СДСМ сега сѐ погласно ја критикуваат Владата, особено за дел од нејзините кадровски решенија и за опортуниот однос кон ДУИ. Иако критиката за надворешната политика на Владата и за нејзините меѓународни активности е главно позитивна, аналитичарите имаат забелешки дека се запоставуваат домашните проблеми. Соочен со критички настроената јавност, Заев веќе трет месец ја одолговлекува најавената реконструкција на извршната власт, сведувајќи ја единствено на потреба за проширување на парламентарното мнозинство, така што не е исклучено кадровските промени што ги планира да се поклопат со првата годишнина од изборот на неговата влада.

Арсовски вели дека е сѐ уште рано да се каже како сите овие процеси ќе се одразат на рејтингот на Владата. Сепак, смета дека владејачката гарнитура во овој момент нема потреба од загриженост бидејќи, како што вели, ова е период на стабилизирање на рејтинзите на сите политички субјекти, по еуфоријата што владееше во периодот по смената на власта.

„Нормално дека СДСМ не е веќе во толкава предност, како што беше пред локалните избори. Ама тоа не треба да ги загрижува. Еуфоријата сосема очекувано беше голема меѓу двата изборни циклуси – по парламентарните избори во 2016 и локалните во 2017 година. Тоа беше период на големи очекувања, а сега доаѓа период на соочување со реалноста и со сознанието дека сите проблеми нема да исчезнат преку ноќ. Мислам дека СДСМ сега ќе се стабилизира на четири до пет проценти предност пред ВМРО-ДПМНЕ, освен ако не дојде до некои тектонски поместувања. За да се случи нешто обратно или ВМРО-ДПМНЕ треба комплетно да се ребрендира, така што ќе расчисти целосно и со Груевски и со Мицковски, или треба да пропадне идејата на Заев… што е моментно малку веројатно“, оценува Арсовски.

Александра М. Митевска