Даниела Рангелова за абортусот: Јас сум за нов живот, но го почитувам правото на избор


На расправата за предлог-законот за абортус рековте дека „ако се надминете себеси ќе го поддржите“. На кого мислевте: на сите колеги во парламентот, на одредени пратенички или на невладините организации и религиските групи кои се противат на абортусот?

– Се обратив до сите пратеници, но и на дел од граѓанските организации со кои имавме спротивставени ставови. Мислам дека станува збор за погрешно толкување. Ако сме за заштита на здравјето на жената, т.е. за легален и безбеден абортус за оние жени што се одлучиле на таков зафат, тоа во никој случај не значи дека ние ги поттикнуваме жените да ја прекинат својата бременост.

Напротив, јас би била среќна ако секоја девојка или жена има можност и желба да се реализира во улогата на мајка. Па, има ли поголема среќа за нас од нашите деца? Тоа за мене е најголемиот благослов. Па, сепак да ги почитуваме туѓата одлука и мислење. Можеби треба да размислуваме за континуирана едукација за спречување на несакана бременост уште од најраната училишна возраст, а и за планирано семејство, наспроти санкционирање и сложени административни постапки за прекин на несакана бременост.

Разочарувачки е во 21 век да читаме дека млада девојка на 19-годишна возраст го фрлила своето бебе во шахта и слични примери. Зарем тоа треба да го дозволиме и да не ги спречиме овие појави?

Македонија не спаѓа во делот на земјите во Европа каде што црквата е многу влијателна, ниту пак населението е особено религиозно, без оглед што повеќето се изјаснуваат дека се верници. Тогаш од каде доаѓа овој став кој порано беше поткрепен од политиката? Дали само поради популизмот?

-Црквата не ги отфрла жените коишто извршиле абортус, но ги повикува преку молитва и во понатамошно учество во т.н. спасоносни свети тајни. Кога постои непосредна закана по животот на мајката поради продолжување на бременоста, особено ако таа веќе има деца, во пастирската практика се препорачува т.н. снисходење. Жената што ја има прекинато бременоста во вакви околности не се оддалечува од евхаристичкото општење со Црквата, но тоа се условува со исполнување на нејзиното лично молитвено правило. Тоа правило го одредува свештеникот, кој ја прима нејзината исповед. Оттука не треба да се манипулира и некој да се затскрива зад наводни барања на верските заедници. Денес мислам дека сите ние, вклучително и црквата, многу повеќе треба да работиме на спроведување делотворни мерки за заштита на мајчинството, да работиме со семејствата, како и да создаваме услови за посвојување на оние деца што нивните мајки, поради одредени околности, не можат самостојно да ги одгледаат. Јас сум за нов живот, но исто така го почитувам правото на избор. На крајот, жената е таа што ја донесува одлуката. Воедно сите ние, верниците и црквата, отворено треба да зборуваме и да градиме ставови за биоетички проблеми (абортус, контрацепција, сурогат-мајчинство).

Некој би рекол дека Вашиот став може да се смести и во светската графа на #МеТоо движењето. Дали е тоа така или едноставно Вие не мислите дека жената треба да се откаже од придобивките што ги имаше сите овие години по Втората светска војна?

Правото на живот, приватноста, физичкиот интегритет и автономија, доверливост, здравје и недискриминација се загарантирани во Уставот, а се рефлектираат и во рамки на меѓународните документи за човекови права што Македонија ги има ратификувано. Решавањето на компликациите предизвикани од вршење небезбеден абортус создава дополнителен товар, односно трошок за државата, како од здравствен така и од социјален и економски аспект. Намалувањето на бројот на абортуси не се постигнува со ограничување на пристапот до легален абортус, туку преку мерки што ние се стремиме да ги реализираме: воведување сеопфатно сексуално образование во училиштата и подобрување на пристапот до контрацепција, односно воведување контрацептивни средства на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување на РМ. Воедно, не постојат емпириски податоци дека законските бариери имаат каков било ефект врз зголемувањето на наталитетот, а од друга страна, пак, истражувањата покажуваат дека законските ограничувања драматично влијаат врз пристапот на жената до безбеден абортус.

Поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров, неодамна им се извини на жените поради Законот за абортус. Но, очигледно, во Вашата партија сè уште мислат поинаку. Зошто преовладува таквиот став?

Кој работи и греши, но ако згрешиш, доблесно е да се извиниш и да бараш алтернатива да се исправи грешката. Не гледам ништо лошо во гестот на претходниот министер за здравство, Никола Тодоров. Ако некое законско решение покаже одредени слабости во практичната примена, чесно е да признаеш дека е неопходна негова промена. Какви ќе бидат ставовите во врска со новото предлог-законско решение, ќе видиме на гласањето на пленарна седница. Но, мислам дека има пратеници и пратенички со кои делиме исти ставови по ова прашање, но пак ќе речам, да ги почитуваме различностите.

Што мислите – кој е поголем заговорник за комплицираните постапки за абортус: мажите или жените?

Не би правела поделба за ова прашање на мислење на жени и мажи или за некаков заговор за комплицирани постапки. Едноставно се работи за различна перцепција и гледишта за таа состојба.

Дали прекинувањето на бременоста треба да биде избор само на жената?

Мислам дека тоа е прашање што треба да биде предмет на дискусија помеѓу партнерите, а воедно и да не води кон нови конфликти. Но, секако последната и конечна одлука да ја има жената.

Дали овој контроверзен закон усвоен во 2013 година, всушност, ја зголемува родовата нееднаквост во земјава под плаштот на заштита на нероденото дете, кое мајката можеби не го посакува од различни причини?

Прашањево е малку насочувачко. А што би се случило доколку мајката го посакува детето и го роди, а таткото тоа не го сака? Тоа би требало да значи дека е амнестиран од секаква поддршка и грижа за тоа дете? Се разбира дека не. Во тој случај, мора да се земе предвид правно-социјалниот аспект и да се подели одговорноста помеѓу двајцата родители, впрочем, затоа и постојат социјалните служби и законите што го регулираат ова прашање. Доколку мајката навистина не е во можност и не посакува да роди и сака да ја прекине бременоста, секако ќе биде информирана за последиците од абортусот, од опасноста за можен стерилитет, како и за можни дополнителни компликации, но секако спонтано и без дополнителни психички тортури. Можам да констатирам дека овој проблем е хуманистичко-цивилизациски.

 

 Дали на одреден начин предлог-законот за абортус влегува во поголемата приказна за заштита од дискриминација, за која гледаме дека е многу тешко да се најде заеднички јазик во Собранието?

Законот за заштита од дискриминација е посебна тема и не би го мешала. Треба да се надминат недоразбирањата со разговор. Јас не поддржувам дискриминација по која било основа.

Дали е доволно во македонското општество да имаме уште една жена кандидат за претседател или голем број пратенички, за да може да се зборува за некаква привидна еднаквост? Или, во основа, и политиката и светот на бизнисот сè уште се големи машки светови?

Според мене, ниту политиката, ниту бизнисот се машки или женски светови. Сè повеќе во политиката преовладуваат аргументите, а во бизнисот способноста да генерирате успех и средства, а сè помалку родовата определба. Јас сум поборник за квоти, затоа што, за жал, тие ни се сè уште потребни, но полека се менува јавната свест за улогата и неопходната потреба за жената во сите сфери на општественото дејствување.

Горан Адамовски   Фото: Б. Грданоски