Почнува продажбата на имотот на МПМ


Стечајниот управник на „Медиа принт Македонија“ Живко Калков за 23. овој месец ја најавува првата аукциска продажба на имот на фирмата која до пред нешто повеќе од една година ја поседуваа Срѓан Керим, Јордан Камчев и Јана Станисављева,  а која што беше со проценета вредност од пет милиони евра.

„Точно е тоа дека аукциската продажба е веќе најавена со објава на огласи во два дневни весника. Во огласите е наведено што сѐ е предмет на аукциска продажба, која е веќе закажана за 23. овој месец и ќе се одвива во осум таканаречени пакети“, изјави за правосудство.мк стечајниот управник Живко Калков.

Од она што може да се види во огласните, но и на сајтот на Централниот регистар, може да се заклучи дека предмет на продажба се пет парчиња земјиште, стока која е најдена на залиха, целокупниот имот на порталот „Телеграф“, три возила што биле користени при дистрибуција на сега веќе уништените весници. Станува збор за две дистрибутивни возила кои биле набавени во 2013 и едно кое што за истата намена било набавено следната година.

фото-архива штрајк во МПМ

Предмет на продажба, преку јавно наддавање, се и седум комплети на дигитална опрема, односно професионални фото-апарати со објективи.
Стечајниот управник вели дека должниците на МПМ тешко се решаваат да си го вратат долгот што го имаат, но тој и натаму ќе ја турка работата во насока на обезбедување на долгот што е направен кон компанијата. Калков, потврдува дека, според извршените стручни проценки, капиталот на друштвото е проценет на 102,9 милиони денари, но, како што неофицијално дознава правосудство.мк, во моментов на сметката на МПМ, од досега извршени уплати има 2,76 милиони денари или околу 50.000 евра.
До отворање на стечај на МПМ дојде пред се поради крајно лошото менаџирање на Срѓан Керим. Вработените во сега веќе уништените дневни весници: „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“, со месеци наназад, се обидуваа да му објаснат на менаџментот дека лошо работи, но нивните укажувања беа замолчувани со закани или со отпуштања од работа. Финале на незадолството беа нередовните исплати на плати и на давачките кон државата, со што се отвори патот за штрајк. Менаџментот, во време на штрајк, ги затвори весниците, а на стотиците вработени не им го исплати ниту долгувањето, ниту, пак, им исплати испратнини. Во меѓувреме, фирми кои што имаа побарувања во МПМ иницираа отворање на стечај.