Под силно обезбедување во Косовска Митровица: Вучиќ положи венец за Ивановиќ и испрати три пораки за Србите

Под силни мерки на безбедност претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска го посети Косово. Тој во северниот дел на Косовска Митровица положи венец на местото на кое беше убиен лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ.

Претходно, српскиот претседател во манастирот Бањска изјави дека Белград и Приштина ќе разменуваат информации за убиството на Ивановиќ, и покрај тоа што Србија бараше, а Косово не го одобри нејзино учество во истрагата.

„Ние ќе ги почекаме конечните резултати од истрагата, а доколку тоа не се случи, многу работи ќе ни бидат појасни“, изјави Вучиќ и упати три пораки до Србите на Косово.

„Првата е е дека Србите мора да останат во Косово, втората е дека дојдов да разговарам за тоа кој може да им ја гарантира безбедноста и трета дека власта во Србија мора да се справи со криминалот и корупцијата во сопствените редови“, наведе Вучиќ

Српскиот претседател упати порака и до Албанците дека и покрај повеќе деценискиот спор, Србија ќе даде се од себе да го сочува мирот.

Вучиќ во Косовска Митровица имаше средба и со преставници на косовските Срби, а од Граѓанската иницијатива, чиј лидер беше Оливер Ивановиќ, изјавија дека никој не ги поканил на овој разговор.

Српскиот претседател во Косово е придружуван од директорот на канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ и од директорот на разузнавачката служба БИА, Братислав Гашиќ.