Подобра соработка на полициите на Македонија и Косово

Унапредувањена билатералната полициска соработка со цел да се зајакне борбата против организираниот криминал како и подобрување на протокот на патници на граничните премини помеѓу Македонија и Косово, биле дел од темите за кои денеска во Скопје разговорале министрите за внатрешни работи на Македонија и Косово, Оливер Спасовски и Бејтуш Гаши.

Како што соопштија од МВР, министерот Спасовски ги презентирал досегашните искуства и работа на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди кои се насочени кон утврдување на непрофесионално и незаконито постапување на полициските службеници и вработените во МВР. Тој посочил дека Одделот соработува и со граѓанските организации и Народниот правобранител и го запознал својот колега со новиот модел на воспоставување на независен надворешен механизам за контрола над полициското работење.

Министрите се договориле во претстојниот период да се спроведат заеднички посети и средби на експертско ниво, во интерес на унапредување на постојната соработка и заедничко справување со глобалните безбедносни и сигурносни закани. Двајцата оцениле дека досегашната соработка помеѓу двете министерства е успешна и на политичко и на оперативно ниво.