Повик за млади кореографи за меѓународен натпревар


Млади кореографи до 35 години од целиот свет може да аплицираат за четвртиот по ред „Танцлаб“ (Dancelab) кој ќе се одржи следната година.

Под уметничко водство на македонскиот амбасадор во танцот, Рисима Рисимкин, „Танцлаб“ е престижен меѓународен натпревар и е дел од Танц Фест Македонија кој следната година ќе го прослави својот 15-годишен јубилеј.

Кореографите треба да се пријават со своја оригинална кореографија во времетраење од 7 до 13 минути, на слободна тема, со обработка на иновативни идеи во полето на современиот танц.

Аплицирањето се врши електронски, на официјалната веб страница на Танц Фест (www.dancefestskopje.com.mk) и трае до 15-ти јануари, 2019 година.

„Многу се радувам, пред сè на 15 години jубилеј на „Танц фест“ следната година. Сметам дека овој фестивал направи извонреден чекор во позиционирањето на современиот танц во Македонија, а секако Интернационалниот натпревар за млади короеграфи „Танцлаб“ е дел од придобивките на овој фестивал. Очекуваме голем број на пријави, според сознанијата од последната апликација, во 2015 година, и се надеваме дека на 5 и 6 април, 2019 година, во рамките на јубилејното издание на „Танц фест“, нашата публика ќе има можност да ужива во творештвото и креациите на млади од целиот свет. Нека победи најдобриот“, вели Рисима Рисимкин, уметнички директор на „Танц фест Македонија“.

Рисимкин и „Танц фест Македонија“ по четврти пат ќе бидат домаќини на кореографи од ширум светот, кои на натпреварот ќе бидат оценувани од интернационално жири, составено од еминентни имиња со светска репутација во полето на танцот.

Наградата на натпреварот е „Златна пеперутка“ и се доделува во категоријата „најдобра короеграфија“.

Добитникот на „Златна пеперутка“, ќе има ексклузивна можност да создаде оригинално уметничко парче за Скопје танцовиот театар. На последното издание на „Танцлаб“, „Златната пеперутка“ му беше доделена на Фабио Либерти од Италија.