Писмо со куршум за Коѕиас поради Македонија

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, во пресрет на претстојната посета на Скопје, добил анонимно предупредувачко писмо со кушум, пишува денеска „Катимерини“.

Во предупредувачкото писмото било наведено дека куршумот е поради неговата улога во тековните преговори за „македонското прашање“, пренесува МИА.

Писмото и куршумот се предадени во полиција за истрага и вештачење за да се открие испраќачот.

Слично заканувачко писмо со куршум поради „македонското прашање“, Коѕиас доби и во почетокот на февруари годинава.

Никос Коѕиас, според најавите од грчките медиуми, доаѓа во Скопје на 22 и 23 март на средба со шефот на македонската дипломатија Никол Димитров. Се очекува Коѕиас да пристигне со авион на преименуваниот скопски аеродром и да ја донесе најавуваната грчка нацрт-спогодба за решавање на прашањето за името.