Павлопулос: Прво уставна ревизија па потоа членство во НАТО и ЕУ за ПЈРМ


За интеграција на ПЈРМ во НАТО и ЕУ потребно е решение на името, за што предуслови се уставна ревизија и елиминирање на иредентизмот, рече претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, во неговото обраќање откако беше прогласен за почесен граѓанин на општина Пеонија.

– Постои еден начин за да оди напред интеграцијата на ПЈРМ во НАТО и ЕУ. Прво, претходна ревизија на нејзиниот Устав, нешто што го сигнализира почитувањето што Грција, Европската унија и на НАТО го покажуваат кон нејзиниот правен поредок и владеењето на правото во целост, рече Павлопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот претседател говорејќи за 100-годишнината од победата на Грција во битката кај Скра, Кукуш, но и за битките на Грците за време на Балканските војни, рече дека битките, „од една страна конечно и непобитно го документираа грчкиот карактер на Македонија, а од друга страна ја исмејаа секоја невкусна спротивна пропаганда”.

Пораката на грчкиот претседател доаѓа на помалку од 24 часа по новата рунда разговори на министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц и официјално закажаната средба на двајцата премиери.