Официјална Тирана го поздрави изгласувањето на демаркацијата

Официјална Тирана го поздрави изгласувањето на договорот за демаркација на косовско-црногорската граница,вечерва од страна на косовскиот Парламент, оценувајќи го како голем чекор за слободно движење на косовските граѓани.

Шефот на албанската држава, Илир Мета во официјалната реакција денешното гласање го оцени како „исполнување на желбата на граѓаните на Косово за слободно движење и реализација на нивните аспирации за интеграција во ЕУ“.

– Честитки до Собранието на Косово за усвојувањето на договорот за демаркација со Црна Гора и честитки до сите граѓани на Косово во исполнувањето  на нивната желба слободно да се движат и за исполнување на нивните аспирации за интеграција во Европската унија, оценува Мета.

Премиерот Еди Рама го честиташе усвојувањето на демаркацијата и и порача на ЕУ да го одржи ветувањето косовските граѓани да се движат без визи.

На својот профил на Фејсбук Рама напиша дека денешното гласање е голем успех иако „тоа требало да се случи многу порано“.

И лидерот на опозициската демократска партија, Љуљзим Баша го поздрави усвојувањето на демаркацијата оценувајќи го како основен акт за добри меѓусоседски односи и стабилност во регионот. Неговата партија, нагласи тој, силно верува дека ова е сигурен чекор на Косово кон интегративните процеси.

– Ова е една добра вест за Косово и неговите пријатели, изјави Баша.

За шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, изгласувањето на демаркацијата е значаен чекор напред во решавањето на меѓуграничните недоразбирања  и дава можост на ЕУ што побрзо да донесе визна либерализација за косовските граѓани, како и да ја зајакне позитивната клима на соработка во надминувањето на недоразбирањето меѓу соседите.