Обвинителството ќе го истражува договорот со „Јадран филм“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка во врска со договорот помеѓу Агенцијата за филм и продукциската куќа „Јадран филм“ ангажирана за снимање на играната серија „Македонија“. Постапката е отворена по известувањето на Упрвата за финансиска полиција. Издадени се повеќе насоки и наредби за прибирање на материјални докази поврзани со севкупната постапка за снимање на играната серија.

„Во оваа фаза од постапувањето веќе е доставен дел од бараните докази, а побарано е и нивно дополнување“, известуваат од Основното јавно обвинителство и дополнуваат дека за сите наредни чекори навремено ќе ја информираат јавноста.

Претходно, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија ја информираше јавноста дека согласно одлуката на Владата и согласно Законот за филмска дејност, институцијата со која што тој раководи, повела постапки пред сите надлежни институции поради „очигледните прекршувања на потпишаниот договор од страна на видео продукцијата „Јадран филм“ за реализација на играна серија „Македонија“ – тежок 4.6 милиони евра“.

„Иако сите рокови од договорот се поминати, до ден денеска Агенцијата за филм нема добиено од продукцијата ниту серија, ниту документи, нема ниту никакви известувања каде уплатените пари за првата серија во висина од 80 отсто, односно 68 милиони денари се потрошени. Договорот за серијата изнесува четири милиони и 602 илјади евра. Првата серија е финансирана со една уплата, што е невообичаено и нестандардно за филмска индустрија и телевизиски серии со 80 проценти. После нашата преписка со продуцентот, престаната е комуникацијата, нема никакви одговори и Владата на Република Македонија донесе одлука да се раскине договорот и да се бара поврат на средствата“, изјави директорот Тозија.