Обвинение за штитеничката која остана бремена

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против жената која ја „продавала“ штитеничката од Завод за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје која остана бремена и мораше да абортира. Сите ќе одговараат за кривичното дело трговија со дете.

Истражната постапка и доказите покажале дека жената од Кавадарци насилно, со закани и измами го експлоатирала девојчето за пари.
Жената од декември 2017 до февруари оваа година го носела девојчето во градови низ Македонија, во Кавадарци, Радовиш, Штип и струшкото село Мислешево, ја продавала, ја засолнувала и организирала присилен брак. Другите обвинети мажи го искористувале малолетното девојче повеќекратно. Девојчето остана бремено и беше принудено да абортира.

„Поради постапките на обвинетите, детето во одреден временски период имало нарушена здравствена состојба, душевно трпело и чувствувало физичка болка од нанесени телесни повреди“, соопштуваат од Обвинителството.

Случајот со бремената штитеничка го обелодени Европскиот центар за правата на Ромите. Тие почнале да го истражуваат случајот кога нејзините родители пријавиле дека девојчето исчезнало од државниот дом за згрижување деца. Одговорните во домот не го пријавиле нејзиното исчезнување ниту во полиција ниту на нејзините родители.

По обелоденувањето на овој случај беше објавено дека уште две малолетни девојчиња од домот се трудни. Едното ја прекинало бременоста, но второто не сакало да абортира и инсистирало да го роди бебето.(Ф.Ф.С.)