Нухиу: Мигрантите во постојан обид за нелегален влез во Македонија

„Иако западно-балканската рута за мигранти официјално е затворена, сепак имаме секојдневни обиди за нелегален влез на мигранти на територијата на Република Македонија, кои сами, или со помош на криумчари сакаат да влезат на нелегален начин и да транзитираат низ територијата на Република Македонија кон земјите од Западна Европа. Со помош на странските полициски службеници, кои се дел од заедничката операција, која Македонија ја почна на 21 декември 2015 година и која се уште е во тек, успеваме на вистински начин да се справиме со мигрантите, а пред се со криумчарите, поради што голем дел од нелегалните мигранти се откриени, фатени и покренати се обвиненија против голем број на криумчари“, изјави денеска заменик – министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Тој учествуваше на министерската конференција во рамки на Салцбуршкиот форум и Групата на пријатели од Западен Балкан и Молдавија,  на тема „Актуелни предизвици на полето на гранично управување во ЕУ и нејзиното непосредно соседство“ што се оддржа во Варшава. На крајот од своето обраќање, Нухиу изразувајќи благодарност за несебичната помош на сите земји претставници од свое име и во име на Министерството за внатрешни работи и Владата на Република Македонија, рече: ,,Вистински пријатели се оние кои ќе ти помогнат кога ти е најтешко и најпотребно, а токму вие покажавте дека сте вистински и искрени пријатели на Република Македонија.“