Норвешка: Отворен првиот подводен ресторан во Европа

Норвешка– Во Норвешка, вчера е отворен првиот подводен ресторан во Европа. Повеќе од 7.000 посетители резервирале да јадат меѓу рибите.

Лоциран на јужниот врв на Норвешка, ресторанот изгледа како голема бетонска цевка делумно потопена во Северното Море. Се вика „Андер“ (Under), што исто така значи „чудо“ на норвешки.

Дизајниран е од страна на норвешка архитектонска фирма Снохета, која исто така ја креираше Оперската куќа во Осло и Националниот спомен-музеј 11 септември во Њујорк.

„Фасцинантно е и самото движење од над вода до под вода преку зградата“, изјави за Ројтерс основачот на Снохета, Ќетил Традал Туршен.

Традал Туршен рече дека конструкцијата може да ги издржи суровите временски услови и е обликувана така што може да го издржи како што го нарече „бранот на векот“.

Ресторанот е поставен така што има минимални рефлексии во стаклениот ѕид кој гледа во океанот, а кој овозможува просторијата да биде исполнета со природна светлина во текот на денот, измешана со зеленикавата боја на водата.

Комплет оброк, базиран на локални состојки и морски плодови, може да чини до 3700 круни (430 долари) по лице, но целта е 50 отсто од гостите што ќе јадат исто така да ја поминат ноќта во хотелот…

-Очекуваме околу 12.000 луѓе да го посетат ресторанот годишно“, рече Гуте Убостад, еден од двата браќа кои го поседуваат ресторанот и хотелот во близина.

Постојат само неколку подводни ресторани низ целиот свет, главно се наоѓаат во тропските води како Малдивите во Индискиот Океан.