Нов Зеланд : Утехата и челикот на премиерката Џасинда Ардерн

Неколку часа откако еден вооружен напаѓач уби 50 луѓе во две џамии во Крајстчрч, премиерката Џасинда Ардерн свика прес-конференција која го постави тонот за земјата погодена од тага. Тоа стана вистинскиот момент на нејзината лидерска приказна.

Триесет и осумгодишната премиерка беше тестирана како малкумина лидери на Нов Зеланд, предводејќи ја земјата додека се справува со најлошиот терористички напад во модерната историја на нацијата. Некогаш мирната нација беше во длабок шок. Гласот на Ардерн подзапираше додека зборуваше, но нејзината порака за единство и сочувство беше непоколеблива.

„Ти можеби не избра нас“, рече Ардерн, мислејќи на убиецот, со лутина во нејзиниот глас. „Но, ние целосно те отфрламе и те осудуваме“.

До сабота наутро таа беше на теренот во Крајстчрч со мнозинството нејзини владини министри и опозициски лидери. Облечена во црна шамија, украсена со злато, премиерката се состана со членовите на муслиманската заедница погодена од трагедијата. Таа ги држеше во рацете додека тажеа шепотејќи зборови со сочувство и притискајќи го својот образ кон нив. Видеоснимките од овие прегратки поминаа низ целиот свет.

Одење рака под рака со оние што беа засегнати, фокусот на Ардерн беше на тагување со погодената заедница. Наводниот убиец Брентон Тарант не беше претставник на вредностите и верувањата на Нов Зеланд, рече таа. Мошне едноставно тој беше: „не ние“.

„Секојдневниот дискурс во Нов Зеланд по нападите не беше омраза и гнев туку можеме да го сториме тоа, можеме да го излекуваме, можеме да поминеме низ ова“, вели професорката Џенифер Кертин, директор на Институтот за јавна политика во Универзитетот во Окланд.

„Таа покажа тивко, силно лидерство и беше многу фокусирана на грижата за луѓето кои се најмногу погодени. Убиецот едвај беше споменат“.

Пол Бјукенан, експерт за безбедност за „36 паралела“, вели дека силата на Ардерн била нејзината емпатија за време на криза. Таа, исто така, е експерт делегатор, вели Бјукенан, и истрагата за тоа како убиецот не бил детектиран им ја препушти на високи, доверливи колеги, а таа се фокусира на лекување на трауматизираната земја.

„Таа е како мајка на нацијата. Кога станува збор за настани како овој, мислам дека нејзиниот допир е речиси перфектен“, вели Бјукенан.

„Начинот на кој Трамп и другите зборуваат, тврд говор, по терористички напади, сето тоа е позирање. Понекогаш тоа е обликувано да маскира слабост, понекогаш тоа е жед за одмазда. Ардерн не прави ништо од тоа“.

„Тоа е лидерски стил кој особено одговара на Нов Зеланд. Нов Зеланд има сериозна темна страна, има расизам. Но она што таа го прави е да ни даде момент да се соочиме со овие демони, оваа темнина и да ги промениме нашите патишта“.

Нејзината топлина е избалансирана од челик. Кога беше прашана за коментарите на австралискиот сенатор, кој се обиде да ги обвини муслиманите за нападот, Ардерн го нарече едноставно „срам“. Таа постојано зборуваше за потребата да се спречи ширењето на говорот на омраза и насилството на социјалните медиуми во пресрет на нападите. Сајтови што дозволија видеа од масакрот да се споделуваат беа „издавачи, а не само поштари. Не може да има случај за профит, да нема одговорност“.

Говорејќи во парламентот во вторникот, Ардерн ги почна своите забелешки на арапски „Ас-Салам-Алајкум“, рече таа. „Мир за тебе“.

„Една од улогите што никогаш не ги очекував и кои се надеваа дека никогаш нема да ја имам, е да ја искажам тагата на нацијата“, продолжи таа.

Одбивајќи да го каже името на осомничениот, за да му ја одземе моќта, таа ги повика луѓето да ги кажуваат имињата на жртвите.

„Никогаш нема да ме чуете како го спомнувам неговото име“.

На домашна сцена замолчеа дури и најпосветените критичари на Ардерн. „Њу Зеланд хералд“ го опиша нејзиното лидерство како прикажување „утеха и челик“.

Оние што гледаат од целиот свет, кои претходно можеа да ја знаат Ардерн, како втора жена која роди бебе додека ја извршува функцијата, минатата недела ја видоа како ја води својата земја со хуманост и решителност.

Сликата на Ардерн во шамија, врамена низ обоено стакло, веднаш беше прифатена на меѓународно ниво и дојде како симбол на нејзиното лидерство по настаните.

Магазинот „Крајсис“, напиша на Твитер за Ардерн: „Елеганција. Достоинство. Храброст… Вистински лидери постојат“.

„Вашата премиерка се издвојува на меѓународно ниво како лидер кој ги инспирира луѓето ширум светот“, рече Фицсимонс. „Нејзината понизност, нејзината цврста решеност и, што е најважно, нејзиниот јазик на инклузивност и разновидност беше восхитувачки“.

Австралискиот телевизиски водител Ошер Гансберг напиша: „Австралија има избори за неколку месеци. Ве молам да ни дадете некој како Џасинда Ардерн за да гласаме за него. Ве молам“.

Премиерката денес повторно ќе отпатува за Крајстчрч за да ја увери заедницата дека она што се случи таму никогаш нема да се заборави. Таа веќе објави дека се работи на закони за заострување на пристапот до полуавтоматско оружје, како и за финансиска и логистичка помош за трошоците за погребување и дека визите за роднините кои се обидуваат да стигнат до Нов Зеланд за погребите ќе бидат ставени на брза лента.

Но во голема мера таа ќе биде во Крајстчрч бидејќи нејзиниот народ има потреба од неа.

На импровизираниот споменик во паркот Хагли во вторникот, каде што хартиени синџири ги красат дрвјата, жителите на Крајстчрч едногласно го пофалија „мирниот, сочувствителен“ одговор на Ардерн на масакрот. Муслиманските лидери велат дека нејзиното раководство ја сплотило заедницата и ги натерало да се чувствуваат дека Нов Зеланд е, и секогаш ќе биде, нивниот дом.

„За мене, како жител на Крајстчрч, ова е полошо од земјотресите“, вели еден човек. „И мислам дека таа го чувствува тоа, можете да кажете дека таа го чувствува длабоко“. (Гардијан)