Новиот амбасадор на ЕУ пристигна во Албанија

Со предавањето на акредитивните писма на албаснкиот претседател Илир Мета, Луиџи Сореца денеска и официјално  ја превзеде функцијата претставник на мисијата на Европската унија во Албанија.

Мета изрази задоволство што ЕУ го избрала токму Сореца за свој претставник во Тирана, затоа што, според него, тој е еден од најблиските познаници и приврзаници на Албанија и регионот и со значаен придонес во успехот на визната либерализација со ЕУ.

– Итниот напредок по прашањето на владеењето на правото и одржливиот економски развој се неопходност за земјата и ја забрзуваат агендата за интеграција во ЕУ. Удвојувањето на домашните напори и зголемувањето на соработката меѓу власта и опозицијата, се многу значајни во унапредувањето на клучните реформи кои ќе овозможат реализација на задачите за почеток на преговорите следната година, изјави Мета.

Од своја страна, амбасадорот Сореца истакна дека максимално ќе се заложи за продлабочување на реформите во земјата.

– Чест е да ја претставувам Европската унија во клучен момент за Албанија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Советот на Европската унија постави јасен пат кон отворање на преговорите за членство во јуни 2019 година. Тесно ќе соработувам со албанските власти и во координација со земјите членки на ЕУ, неопходните реформи не само да се консолидираат, туку и да се продлабочат, изјави Сореца.

Тој посочи дека е лична привилегија да се врати во Албанија откако го предводел тимот на ЕУ кој преговараше и го спроведе безвизниот режим со Европската унија во 2010 година.

– Со нетрпение очекувам слични,добри вести во текот на следните четири години, со резултати кои дополнително ќе го подобрат секојдневниот живот на Албанците, рече Сореца на церемонијата.

Италијанецот Сореца, за нов евроамбасадор во Албанија беше назначен во средината на јули на местото на Ромина Влахутин.

Според албанските медиуми, Сореца има посебни познавање од областа на правната држава и безбедноста и неговото доаѓање е во клучен момент за земјата поради бараниот напредок во реформите, со цел „унапредување на патот за членство во ЕУ, што е стар сон на Албанците“.