Нема прогресивно оданочување од јануари?


Владата со месеци молчи за прогресивното оданочување. Зголемувањето даноци не е благопријатна тема за одоброволување на гласачкото тело прво да излезе, а потоа и да гласа „за“ на претстојниот референдум. Ама тоа значи и доцнење во чекорите за значајната даночна реформа. Уште нема ни предлог верзија на новиот закон за оданочување на личните примања и не е дефинирана ниту границата над која ќе се пресметува повисоката даночна стапка. Министерот Драган Тевдовски, пак, неполни четири месеци пред 1 јануари 2019 година, за кога се најавуваше стартот на прогресивниот персоналец, ништо не зборува на оваа тема. Само прашањето за персоналецот на ИРИ ја актуелизираше оваа тема и го покажа пулсот на народот.

– Точно е дека е статус кво, не се дискутира, не се отвораат теми за зголемување на даноците, иако во програмата на Владата стои тоа прашање. Сме се нагледале и тоа во текот на јануари да се донесе закон што важи од први јануари, но сметаме дека тоа е минато време. Реално, за правење на бизнис планови, за калкулација на трошоци, за бизнисот воопшто навистина е доцна новата регулатива да важи од почеток на следната година – вели Павле Гацов, даночен консултант.

– Не постои некој што би се согласил да плаќа повеќе данок ако не мора. Така да, ако го прашувате бизнисот, секогаш одговорот ќе биде „не треба прогресивно оданочување, дури ако можете намалете“. Работата е да се убеди бизнисот дека треба такво нешто или, ако не треба, да се прејде на внимавање на расходите, можеби на опфат на сивата економија. Факт е дека Македонија има премалку даночни, буџетски приходи во однос на трошењето. Оттука и дефицити, задолжување. Треба да се зголеми учеството на приходите во бруто домашниот производ (БДП). Кај нас, учество е меѓу 34-36 отсто. Во Словенија – 56-57 отсто. Ова е доволен сигнал дека кај нас има простор за поголем опфат во делот на оданочувањето – укажува Гацов. Но за него повисоко оданочување нема смисла ако истовремено не се зафати сивата економија, ако не се удри по нерационалното, по тендерското трошење.

Вели „бизнисот е алергичен на она ‘ајде да зголемиме даноци, а како ќе трошиме, тоа е наша работа’“.

– Тој филм беше и заврши. Би се согласиле ако видиме дека работите се движат во добра насока, дека престанува толеранцијата кон неплаќачите, дека нема тендери ‘мој на мојот’, од фирми регистрирани три дена пред јавната набавка. Затоа бизнисот бара прво таму да се запре, па потоа да видиме колку пари треба дополнително да додава – аргументира Гацов.

Славко Лазовски, даночен експерт, вели дека европска пракса е година до година и пол пред да стапи во сила законот, јавноста да биде информирана за него, за да се подготви.

„Незголемување на даноци е закочување на општиот развој, природно е даноците да се зголемуваат. Поголемите даноци создаваат услови за остварување на повисок доход. Кога не се зголемуваат даноци, тогаш се оди на алтернативни извори на приходи – наместо да се укинуваат парафискалните давачки, полека ќе се зголемуваат. Ќе се оди на намалување на ослободувањата. Политиката на ниски даноци е непристојна коалиција со бизнисот – малку ќе давате ама да не гледате што правам како власт. Политика на високи даноци повлекува прашања ‘каде се моите пари?’, кој ги троши?’. Ако официјално водиш политика на ниски даноци, ти всушност кажуваш ‘Не притискајте, не ги наметнувајте своите приоритети, јас како власт знам што правам. Ви земам само 10 отсто и гледајте си ја својата работа’. Во услови кога растат даноците веќе се врши притисок врз власта да биде транспарентна за трошењата“, смета Лазовски.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, велат дека консултативниот процес на тема прогресивно оданочување сè уште не е отпочнат, а деталите за промената се сè уште на ниво на шпекулација.

„Владата може да ја подготвува регулативата и да биде подготвена со план за нејзина имплементација, но имплементацијата ќе може да започне по исцрпувањето на дебатата и сеопфатните консултации. Ова е важно од два аспекти. Прво, не постои консензус околу оваа политика, односно постои став ‘против’ од многу засегнати страни. Второ, владата не успеа да стекне кредибилност за потезите во економската сфера, што придонесува општата и стручната јавност да има скепса кон предлозите за промени во политиките.

Во голема мера, двата аспекти се сврзани и со погрешниот пристап да се стави ексклузивен фокус на тоа како да се приберат повеќе пари во буџетот, а скоро ништо не се зборува како да се троши рационално и ефикасно. Во тој контекст, избрзаната промена кон прогресивно оданочување ќе има исклучително неповолен политички ефект за владата. Уште поважна дебата е економската дебата: дали прогресивниот данок соодветствува на сегашното ниво на развој на економијата. Нашиот став е дека не соодветствува и тој став може понатамошно да го елаборираме кога ќе се отвори таа дебата“, укажува „Фајнанс тинк“.

Анита Салтировска