Нема безбеден лет без грижа за навигациските уреди

Возењето со авион е задоволство и брзина, но зад секој безбеден лет стоиме и ние, воздухопловните техничари и инженери како професионалци кои се одговорни за прецизност, интегритет, расположливост и непречено работење на системите и инструментите без кои нема авијација, рече Климент Чепуњоски, директорот на Воздухопловна техника и член на УО на М-НАВ, честитајќи го 12 Ноември, Меѓународниот ден на воздухопловната техника.

Меѓународната организација за цивилна воздушна пловидба (ICAO) го дефинира персоналот за поставување, одржување, контрола и мониторирање на техничките средства, уреди и опрема за давање услуги на воздухопловната навигација како АTSEP. Торстен Вехе, претседателот на IFATSEA, Меѓународната федерација на асоцијации за безбедност на воздушен сообраќај, во поздравниот говор адресиран до воздухопловните техничари и инженери, вели дека оваа професија е од особена важност во системот за безбедност во воздушната пловидба.

„Пилотите не би можеле без контролорите на летање кои се одговорни за безбедноста на летот и одржување на безбедносно пропишаното минимално растојание на раздвојување на воздухопловите. За безбедноста на летот, пилотите не би можеле и без прецизноста на електронските сигнали кои се трансмитираат од навигациските уреди на земја, како што е системот за инструментално слетување (ILS), со него се слетува безбедно дури и во лоши временски услови кога видливоста е на ниско ниво. За давање услуги за контрола на летање, потребни се сложени CNS/ATM системи. Воздухопловите се следат на радарски монитори во реално време. Со глобална дигитална воздухопловна мрежа се гарантира дека контролорите на летање ја знаат планираната рута на лет, но техничките системи ја овозможуваат гласовната комуникација меѓу пилоти и контролори на летање“, рече Вехе.

На неодамна одржаната 13. Конференција за воздушна пловидба ICAO ја потврди растечката улога на ATSEP во одржување на уредите за комуникација, навигација и надзор и управување со воздушен сообраќај.