Недела на современ јапонски филм во Кинотека

Кинотеката на Македонија во соработка со Амбасадата на Јапонија во Скопје и со поддршка на Министерството за култура, од денес до четврток  организира Недела на современ јапонски филм.

Во четирите фестивалски вечери во терминот од 20 часот ќе бидат прикажани четири нови филмови од јапонската кинематографија, снимени од 2013 до 2016 година.

Неделата на современ јапонски филм вечерва ќе почне со проекција на играниот филм „Животно ветување“ во режија на Кан Ишибаши и со Такеш Китано во една од главните улоги, снимен во 2016 година. Режисерот Кан Ишибаши има богато телевизиско искуство и сторијата ја има сместено во милјето на ТВ-продукцијата и фестивалите.

Во наредните денови ќе бидат прикажани и: „Ванкувер Асахи“ во режија на Јуја Ишии, „Пеј го мојот живот“ на Нобуо Мизута и „Искра на животот“ во режија на Банџи Сотојама.

Филмовите се со македонски и со англиски превод. Кинотеката соопшти дека билетите за проекциите се бесплатни и може да се резервираат од 16 до 19 часот на билетарницата на Кинотеката, на телефонот 02 3065-968. Резервираните билети ќе може да се подигнат 15 минути пред почетокот на проекцијата.