На сите автопати во Албанија ќе се наплатува патарина

Во Албанија на сите патни правци кои поседуваат стандарди на автопат во иднина ќе се наплатува патарина. Ова го соопшти министерот за инфраструктура и енергетика, Дамиан Ѓикнури, откако почна наплатата на патарина на автопатот Тирана-Кукс-Морина наречен „Пат на нацијата“, додавајќи дека државниот буџет не може да ги задоволи потребите за одржување на националните патишта.

– Принципот за мене е: оној кој го користи патот, мора да плати за одржување. Во иднина, мислам дека сите патишта во Албанија треба да бидат управувани од приватни компании, рече Ѓикнури пред членовите на парламентарната комисија за економија.

Неговиот сопартиец, социјалистот Анастас Анѓели, смета дека независно од потребата за финансирање на одржувањето на патиштата, треба да се гледа и на социо-економска страна на граѓаните.

– Во ред дека треба патарина, но не и вкупната цена за одржување на патиштата да падне врз грбот на граѓаните, рече Анѓели.

Инаку, од понеделникот за минување по „Патот на нацијата“ почна да се применува одлуката за наплата на патарина, која се движи од 2,5 евра за моторцикл, пет евра за патнички возила, 11,2 евра за автобуси и камиони со помала носивост, 16,2 евра за камиони со средна носивост и 22,5 евра за тешки товарни возила.