Најмалку 10 ракети истрелани од Газа кон Израел

Најмалку 10 ракети вечерва беа истрелани од северниот дел на Појасот Газа врз територијата на Израел, како одговор на израелските воздушни напади врз палестинската енклава, при што беше уништена Канцеларијата на лидерот на исламистичкото движење Хамас, Исмаил Ханија.

Извори во израелската Армија информираа дека ракетите паднале во јужен Израел во реони во близина на границата со Појасот Газа.

Засега нема информации за жртви или нанесени материјални штети на израелска територија при ракетните напади.

Израелскиот напад врз Канцеларијата на Ханија беше одговор на ракетниот напад од Газа врз територијата Израел, при што беше погодена една куќа и ранети седум лица. За овој напад Израел го обвини Хамас, но движењето негираше каква и да било поврзаност со него.

Вечерашните ракетни напади врз територијата на Израел уследија откако Ханија најави дека Хамас жестоко ќе одговори на акциите на израелските авион врз Газа.

Ханија во писмена изјава посочи дека „палестинскиот народ нема да се предаде“ и дека „палестинските милитантни фракции ќе го одвратат непријателот доколку ја мине црвената линија“.