Наводната бугарска врска со случајот Скрипаљ сè уште опкружена со мистерија

Тврдењата за поврзаност помеѓу нападот со труење во март 2018 година на поранешниот офицер на руската разузнавачка служба Сергеј Скрипаљ и труењето на бугарскиот бизнисмен Емил Гебрев во април 2015 година и понатаму се опкружени со мистерија.

Врската, според тврдењата на веб-страницата „Белинкат“, е во форма на Сергеј Федотов, офицер на руската воена разузнавачка служба ГРУ, за кого на веб-страницата се вели дека е всушност Денис Сергеев, висок офицер на ГРУ, кој дипломирал на Воената дипломатска академија на Русија.

Официјалниот интерес во Бугарија за наводното труење на Гебрев и неговиот син беше оживеан по извештаите во кои се тврди дека Федотов бил вмешан во двата напада.

Во февруари 2019 година се појавија информации дека, иако истрагата за случајот Гебрев била прекината во април 2016 година, таа била продолжена во октомври 2018 година, откако Гебрев му напишал на генералниот обвинител Сотир Цацаров, велејќи дека бизнисменот се сомневал дека бил отруен со супстанција од семејството „новичок“, отровот што Велика Британија велеше дека се користел во нападот против Скрипаљ.

Во февруари Цацаров потврди дека Федотов бил во Бугарија во 2015 година, пристигнал на 5 февруари, заминал на 22 февруари, па се вратил на 24 април и заминал на 28 април, потоа повторно пристигнал на 23 мај и заминал на 29 мај.
На 28 април 2015 година Гебрев се разболел додека бил во ресторан во Софија. Гебрев паднал во кома и бил лечен од воените медицински специјалисти поради труење со непозната супстанција. Синот на Гебрев и комерцијалниот директор на неговата компанија, исто така, се разболелел со знаци на труење неколку дена откако тој падна во кома, иако со помали симптоми, објави „Белингкат“.

Тестовите не го потврдија идентитетот на супстанцијата што се користела против Гебрев. Цацаров им рече на медиумите дека во тестовите за супстанцијата не се пронајдени хемикалии наведени во Конвенцијата за хемиско оружје. Сепак, „Белингкат“ ги цитираше експертите кои велат дека отровот „новичок“ не е на оваа листа.
Во средината на февруари имаше разговори за овој случај меѓу амбасадорот на Велика Британија во Софија, Ема Хопкинс, бугарскиот премиер Бојко Борисов, министерот за внатрешни работи Младен Маринов, шефовите на безбедносните и разузнавачките служби и Цацаров.

Маринов потоа рече дека се спроведуваат повеќе истраги. Тој рече дека малите количини на органски материи од фосфор биле пронајдени во кафето и салатата на Гебрев, но не се сметало дека тие биле причината за неговата болест поради тоа што количините биле премногу мали.

Хопкинс потврди по состанокот на 11 февруари дека бугарските и британските власти работеле заедно на случајот Гебрев во последниве неколку месеци. Во деновите по состанокот помеѓу британскиот амбасадор и бугарските власти на највисоко ниво, извештаите велат дека британските разузнавачки службеници биле во Бугарија во врска со случајот Гебрев.

Цацаров коментираше дека некои од тврдењата во медиумите во врска со случајот Гебрев се шпекулации, а не факт.
По серијата изјави и извештаи во првата половина на февруари, нема дополнителни информации од обвинителството или од кое било друго државно тело во Бугарија за случајот. Технички, постапките се поведени за обид за убиство од непознат сторител, што значи дека доколку се донесе одлука за формално поднесување обвиненија во судот, обвинителството би требало да даде изјава во врска со ова прашање. Дотогаш, мистеријата и шпекулациите ќе продолжат да ја опкружуваат наводната врска помеѓу двата случаи.

(ИБНА)