„Монструм“: Судијата ќе оди да го види клучниот доказ

Црвената „опел омега“, која беше клучен доказ на Министерството за внатрешни работи во расветлувањето на петкратното убиство кај Смилковското Езеро, се врати во фокусот на судскиот процес за овој случај познат во јавноста како „Монструм“.

Судијата Огнен Ставрев соопшти дека идната недела ќе закаже термин кога заедно со обвинителите и адвокатите ќе одат да го видат автомобилот, со кој според обвинението се превезувале дел од обвинетите. Овој автомобил не го видел ниту судијата што го водеше минатиот случај, Ивица Стефановски, ниту истражниот судија, ниту обвинителката Гордана Гешковска кога беше одговорна за случајот. На минатото судење за овој предмет вештаците тврдеа дека на овој автомобил биле најдени траги од земјата од местото на убиството и биолошки траги, односно пот и епителни клетки од првообвинетиот за убиството, Алил Демири.
Вештаците утврдија дека земјата од калниците на возилото „опел омега“ се совпаѓала со земјата од местото на убиството каде што се наоѓало едно од телата на убиените. Земјата на тркалата на автомобилот не се совпаѓала со земјата од местото на настанот бидејќи при возењето составот на земјата се изменил.
На задното седиште на автомобилот биле пронајдени траги од пот и епителни клетки кои се совпаѓале со ДНК-профилот на провообвинетиот Алил Демири, но одбраната тогаш тврдеше дека трагите биле најдени на навлака на седиштето која била лесно менлива.
Загрозениот сведок со модифициран глас и заматен лик и вчера неколку часа одговараше на прашања на одбраната и обвинетите. Според неговото сведочење, тој ги гледал тројцата обвинети, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута на местото на убиството четири дена по ред – на 9, 10, 11 и на 12 април, дента кога се случи убиството. Тие доаѓале таму со црн голф со затемнети стакла, а со нив имало уште едно лице, кое сега не е меѓу обвинетите во судница. На денот на убиството сведокот видел четири тела, односно ги видел мртвите тела на момчињата кои настрадаа. На местото на петкратното убиство, освен автомобилот „голф“, кој го посочи на минатото рочиште, сведокот видел уште други два автомобила.

Ниту законскиот застапник на семејствата на убиените ниту родителите и роднините не му поставија прашања на сведокот, а на наредното рочиште, на 31 август, прашања ќе му поставуваат судиите.
За родителите исказот на сведокот е јасен и логичен, а за одбраната конфузен и лажен. Фејзи Азири го праша сведокот кој му бил мотивот да го следи нивното движење и да ги набљудува, но судот не го дозволи ова прашање.
Рочиштето се водеше во на моменти тензична атмосфера. Обвинителката Фатиме Фетаи најмногу се изнервира бидејќи братот на Алил Демири, кој го следи судењето од судница, постојано ѝ се потсмевал и правел гримаси. Во судницата беа присутни четворица обвинети од специјалното јавно обвинителство.
Адвокатите го прашуваа сведокот како биле свртени лицата кои ги видел на самото место, кој каде стоел, што значел зборот рибар, во колку часот се буди во 2018, а во колку во 2012…
На ваквите прашања реагираа обвинителите кои му укажаа на судот дека со ваквиот начин на испрашување се на чекор да го откријат идентитетот на загрозениот сведок.
Судскиот процес за грозоморното убиство што ја потресе цела земја почна пред шест години, но го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Јавноста првпат присуствуваше на исказ на заштитен сведок.
Убиството се случи на 12 април 2012 година, кога без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски.

(Ф.Ф.С.)