Можна средба Путин – Ципрас во Москва за време на Светското фудбалско првенство

Сценарија за евентуална средба на рускиот претседател, Владимир Путин со грчкиот премиер, Алексис Ципрас во рамките на Светското фудбалско првенство во Русија, објавуваат грчките медиуми повикувајќи се на владини извори.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, информацијата прва ја објави грчката телевизија Скај, дека не е исклучена можноста Ципрас да ја прифати поканата на Путин и да отпатува за Русија за Светското фудбалско првенство во периодот меѓу 14 јуни и 15 јули, а веќе се направени некои првични разговори за можноста грчкиот премиер за време на Мундијалот да претстојува во Москва.

– Изворите што ја пренесоа оваа информација, оценија дека со оглед на тоа дека целото внимание во тој период ќе биде насочено кон Москва, дополнително ќе ја истакне посетата на премиерот. Но, секако сѐ зависи од програмата на двајцата лидери и од раздвиженоста во поширокиот регион, објави грчката телевизија Скај.

Сепак, според новинарот од телевизијата, фактор што би можел да ја одложи средбата на Ципрас и Путин е фактот што веќе е закажана средба на шефовите на руската и грчката дипломатија за септември, а најчесто овие состаноците им претходат на средбите на лидерите, а не обратно.