Могерини и Хан на 19 април во Македонија
Високата претставничка за европска надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, следната недела заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ќе се обрати на Собранието на Македонија.
Нивната посета ќе следува еден ден по објавувањето на извештајот за напредокот на Македонија.
За содржината на извештајот и останатите прашања од интеграцискиот процес беше разговарано и на денешната средба во Брисел меѓу Могерини и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Османи и го презентирал како што стои во соопштението од неговиот кабинет напредокот на земјава во реформите.
– Доаѓам со добри вести од Република Македонија. Онака како што ветивме пред девет месеци, навреме испорачавме реформи во соодветниот период за Извештајот на Комисијата позитивно да го оцени нашиот напредок, истакна Османи на средбата, соопшти Секретаријатот за европски прашања.
Османи притоа посочил на соодветната реализација на Планот 3-6-9.
– Делот три од Планот 3-6-9 го крунисавме со одржување фер, слободни и кредибилни избори уште во ноември минатата година, што беше потврдено во извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, чии заклучоци беа повторени и од страна на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, истакна Османи.
Во изминатиов период, според него, Владата изготвила бројни стратегии и суштински реформски закони, кои во транспарентна и инклузивна постапка, со вклучување на мислењата од опозицијата, граѓанскиот сектори и јавноста, во најголем дел се донесени во Собранието на Република Македонија.