Могерини: Вратата на ЕУ е отворена за Косово, прво да се исполнат условите

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека Косово е дел од стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и дека се што е предвидено за другите е можно и за Косово, но оти е потребно да се  исполнат одредени услови, вклучувајќи го и дијалогот со Белград.

– Стратегијата вели дека сите партнери имаат европска перспектива. Тоа е јасна порака. Ја пренесувам пораката особено за младите затоа што знам колку им е значајна таа перспектива. Меѓутоа, Косово треба да направи некои работи, пред да има европска перспектива, рече Могерини.

Зборувајќи за условите кои треба да ги исполни со цел Косово да напредува кон ЕУ, таа рече дека треба да го продолжи дијалогот со Белград.

– Гледам заинтересираност на лидерите за ова прашање, затоа треба да се оди напред. Тоа бара храброст. Косово треба да го имплементира Договорот за стабилизација и асоцијација и други меѓународни договори, како што е договорот за Специјалниот суд. Реформите на Косово не ги бара само ЕУ туку и граѓаните, истакна Могерини.