Мијатовиќ по пресудата за Караџиќ: Победи правдата, сега е важна едукација за вистината

Комесарката за човекови права на Советот за Европа, Дуња Мијатовиќ изјави дека во одлуката на Хашкиот суд за доживотен затвор за Радован Караџиќ надвладеа правдата и дека борбата против негирањето на воените злосторства сега е поважна од кога било.

– Денешната пресуда на судот на Обединети нации со која се поддржува пресудата за Караџиќ за геноцид и воени злосторства, вклучително и геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево полажува дека надвладеа правдата. Борбата против негирањето на воените злосторства и едукација за вистината сега се поважни од кога било, напиша Мијатовиќ на Твитер.

Жалбениот совет на Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, наследник на Хашкиот трибунал, денеска, по три години жалбена постапка, ја изрече второстепената пресуда на поранешниот лидер на босанските Срби, Караџиќ, со која тој е осуден на казна доживотен затвор.

Судскиот совет на Хашкиот трибунал во март 2016 година го осуди Караџиќ на 40 години затвор за геноцид во Сребреница и злосторства извршени против човештвото во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.