Мијалков и Јанкулоска пристигнаа во судот за „Таргет-Тврдина“

Во Кривичниот суд, каде што треба да се одржи судење за споениот предмет „Таргет – Тврдина“, кој се однесува за незаконското прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето, претспалденво пристигнаа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, кои се дел од обвинетите, како и обвинителката Ленче Ристовска од СЈО.

Во овој предмет обвинети се и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во притвор во Грција, како и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски.

За „Таргет – Тврдина“ досега беше одржано само едно рочиште, на 22 декември. Судијката Ленка Давиткова тогаш го одложи судењето бидејќи, како што кажа, не се исполнети законските претпоставки за одржување на главната расправа.

Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.