Мишел Обама најуспешен автор: „Бикаминг“ продадена во 10 милиони копии

САД– Мемоарите на Мишел Обама „Бикаминг“ (Becoming)  можат да бидат најуспешните во историјата на САД, вели издавачот „Рендом хаус“, кој наводно платил 65 милиони долари за авторските права на мемоарите. Експрвата дама на САД, пак е на пат да стане најпродаваниот автор на мемоари во Америка, според издавачот.

Објавена во ноември, продадена е во 10 милиони копии, и со продадени 2 милиони копии за 15 дена, стана бр.1 бестселер лани.

„Бикаминг“ е преведена на 23 јазици, и е бестселер и во Англија, Германија, Франција, Италија, Холандија, Шпанија, Данска, Норвешка, Финска и Грција.

Книгата е поделена во три дела „Becoming Me“, „Becoming Us“ и „Becoming More“, а во неа експрвата дама пишува за своето детство, студентските денови, расизмот, бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама, за нивните ќерки и искуството во политиката.

Експрвата дама на САД Мишел Обама лани ја симна од врвот Хилари Клинтон, за жена на која најмногу и се восхитуваат, во годишната анкета.

Во САД Обама (55) ја интервјуираа од Рис Витерспун до Опра Винфри. Следниот месец ќе ја промовира книгата во Копенхаген, Стокхолм, Осло, Амстердам, Париз и во Лондон, па се враќа во Канада и ја завршува турнејата низ САД.